СОС Детско село денес ќе го прослави Интернационалниот ден на детето и Денот на згрижувачките фамилии, со намера да ја зголеми свеста за значењето на згрижувањето и за поддршка на оние кои со љубов и преданост се грижат за децата лишени од родителска грижа.
“Покрај симболиката на признание за згрижувачките семејства, овој настан ќе биде одбележан и со свечено отворање на новите простории на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства, како и специјализираното Одделение за психолошко советување и специјално образование со рехабилитација за деца со комплексни трауми”, соопшти СОС Детско село.
Овие нови објекти се дел од регионалниот проект “Надминување на системски празнини – Поддршка на реформите во системот за заштита на децата”, финансиран од Федералното министерство за економска соработка и развој на Германија, во партнерство со германската организација HGFD.
Како што е најавено, на настанот ќе имаат обраќања претседателот на организацијата Александар Трајковски, заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, првиот човек на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски и националната директорка на СОС Детско село, Јулијана Накова Гапо.