Новинарот Владимир Перев, долгогодишен активист и истакнат член на бугарската заедница во Македонија, бил физички нападнат во центарот на Скопје, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.
Според изјавата која Перев (80) ја дал за порталот „Трибуна“, врз него напад извршил маж значително помлад од него, кој го удрил во лицето и му ги скршил наочарите. Нападот, како што тврди новинарот, бил мотивиран од неговата припадност кон бугарската заедница. Напаѓачот, наводно, извикал дека „Бугарите треба да си одат во Бугарија“.
Бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев остварил телефонски разговор со Перев, при што го уверил дека Софија ќе продолжи да стои зад него и да му обезбедува поддршка во периодот по инцидентот.
Од МНР на Бугарија остро го осудуваат, како што наведуваат, уште еден напад од омраза кон Бугарин во Северна Македонија.
„Со силно негодување реагираме на уште еден случај на насилство мотивирано од омраза кон Бугарин во Република Северна Македонија – појава која, за жал, се поттикнува од актуелната социо-политичка атмосфера и изразената антибугарска реторика“, стои во реакцијата.
Од Министерството очекуваат институциите во Северна Македонија „навремено и ефикасно“ да реагираат, да го истражат случајот и да обезбедат правда.
„Потсетуваме дека европскиот пат на земјата подразбира целосно спроведување на договорениот европски компромис од 2022 година, меѓу кои и обврските за заштита на правата и почитување на македонските Бугари“, додаваат од Софија.
Во последната година односите меѓу Скопје и Софија се дополнително усложнети поради тоа што измените за впишување на Бугарите во Уставот сè уште не се реализирани.

