Новото онлајн радио „Стереолаб“, вчера во КЦ Лабораториум, со куси концертни настапи на неколку музички бендови и диџеи го означи почетокот на својата работа.
Во КЦ Лабораториум, вчера настапија осум македонски музички автори, односно Глигор Кондовски, Алембик, Јоана, Стој После!, Вагина Корпорејшн, Огнен Златанов, Светлост и Лепи Џони, како и диџеј сетови на М.И.К. и Дарко Јорданов.
Како што нагласи главниот и одговорен уредник на Стереолаб, Дарко Јорданов, идејата и иницијативата произлегува од Мирко Попов и Лабораториум, со цел доближување на современите развојни текови на слушателите.
– Идејата и иницијативата за Стереолаб произлезе од Мирко Попов и КЦ Лабораториум. Беше неопходен нов градски електронски медиум со дефинирана и квалитетна музичка преференца, која на слушателите ќе им ги доближува современите развојни текови, пред се, од локалната, потоа и од светската сцена. Како долгогодишен радио водител, другар и соработник на Попов, во соработка со Лабораториум, ја продолживме и доразвивме оваа иницијатива на ново градско радио, кое почна да емитува програма од 14 февруари, вели Јорданов.
„Стереолаб“ е нов македонски електронски медиум, кој ќе ја промовира современата култура, како двигател на нови идеи и квалитетен јавен простор за различни генерации граѓани. „Стереолаб“ е музичко радио, кое во фокус ја става домашната квалитетна авторска музичка продукција и сцена, а ќе негува и промовира тековни и веќе познати музички тенденции од целиот свет.
Музички соработници на радиото се Марија Каева, Александар Гавровски, Дарко Јорданов, Александар Алексовски, Нино Наумов, Виолета Качакова, Божидар Јовановиќ, Ивана Драгшиќ, Илина Ангеловска, Андреја Салпе, Виктор Рубен, Теа Шалдева, Елизабета Пољоска, Биљана Црвенковска, Дени Омерагиќ, Душко Јаневски, Божидар Видоески, Вангел Ноневски, Марко Кочишки, Емир Јашаров, Гола Планина Колектив и други.
Радиото може да се следи на stereolab.mk, додека од понеделник почнува редовната програма.