Невладината организација „О2 Иницијатива“ денеска реагираше на Предлог-буџетот за 2025 година, оценувајќи дека и покрај зголемените средства за животна средина, значајни проблеми остануваат нерешени.
Во нивното соопштение, истакнаа дека ова е прва година кога не поднеле предлози за измени на буџетот, бидејќи пратениците не ги информирале навреме, а рокот за поднесување амандмани веќе бил истечен. Сепак, „О2 Иницијатива“ информира дека предложиле измени кои очекуваат да бидат усвоени преку Комисијата за финансирање и буџет.
Од организацијата нагласуваат дека иако планираните средства за животна средина се рекордни – 1,36% од буџетот, односно 103,4 милиони евра – тие се недоволни за справување со клучните еколошки проблеми.
Клучни забелешки
Аерозагадување: Нема издвоени средства за мерки за намалување на загадувањето од јавни установи, домаќинства и сообраќај. Мониторинг станиците за квалитет на воздухот се со недоволна опрема, а нема и мерење на тешки метали во воздухот, иако тоа е законска обврска.
Управување со отпад: Проектите за регионални депонии напредуваат во различни фази, но нема средства за модернизација на депонијата „Дрисла“ и за воспоставување на одржлив систем во скопскиот регион, кој носи речиси половина од БДП на државата.
Енергетика: Средствата за гасификација и обновливи извори на енергија се минимални, што го загрозува транзицискиот процес кон почиста енергија.
Загадена почва и подземни води: Чистењето на „жешките точки“, како депонијата на „Охис“ и други критични локации, оди побавно од предвиденото, а за дел од нив нема средства во буџетот.
Од „О2 Иницијатива“ апелираат до надлежните да ја преиспитаат распределбата на средствата во Предлог-буџетот и да ги вклучат предложените амандмани за поголема заштита на животната средина.