Обвинение за инцидентот во Кривопаланечко: Семејството обвинето дека го попречило одземањето добиток и нападнало службени лица

Основното јавно обвинителство во Крива Паланка поднесе обвинение против татко и неговите две ќерки поради попречување на службени лица при извршување службено дејствие, во врска со инцидент што се случил на 2 декември во месноста Самоков, во близина на селото Луче.

 Според обвинението, семејството спречило вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство да постапат по правосилно решение за одземање крупен добиток.

Таткото се товари и за кривично дело загрозување на сигурноста, откако за време на настанот им се заканувал на четворица присутни, создавајќи реална опасност за нивната безбедност. Една од ќерките, пак, е обвинета за напад врз полициски службеник кој бил повикан да асистира при одземањето на говедата; според наводите, таа го влечела и го гребела по лицето, нанесувајќи му телесни повреди.

Поради нивните дејствија, инспекторите од АХВ не успеале да го спроведат решението за конфискација на добитокот. Тројцата осомничени се во притвор од почетокот на постапката, мерка што, според Обвинителството, била изречена заради обезбедување на доказите.

Со поднесување на обвинителниот предлог, јавниот обвинител поднесе иницијатива до Судот за продолжување на притворот за таткото и за една од ќерките, наведувајќи дека постојат причини тие да останат во обезбедувачка мерка додека трае постапката.

Зачлени се на нашиот е-билтен