Обвинителството испрати јасна порака до градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска: ако знае за криминал на градоначалникот на Чаир, Ганиу – нека го пријави! Основното јавно обвинителство Скопје веќе постапува по известување од СВР Скопје и издало повеќе наредби. Надлежните органи бараат јасни податоци за сомнителни парцели и згради, додека Министерството за внатрешни работи се вклучува поради наводните закани кон Арсовска.
„Основното јавно обвинителство Скопје постапува по доставено известување од СВР Скопје и издаде повеќе наредби по кои веќе се преземаат дејствија. Доколку градоначалничката како службено лице има сознанија за кривично дело, таа има обврска тоа да го пријави, да соработува со јавното обвинителство и да посочи кај кои конкретни парцели или згради се откриени сомненија за незаконитости. Тоа е неопходно за да може да постапува обвинителството и да спречи евентуално компромитирање на доказниот материјал“, велат од Обвинителството.
Се постапува и по заканите за кои Арсовска сведочеше во телевизиско интервју, дека ги добивала.
„Во однос на заканите, Министерството за внатрешни работи е орган директно надлежен за заштита на животот на граѓаните, како и за откривање и спречување на тие што го загрозуваат. Основното јавно обвинителство Скопје е на располагање преку дежурен јавен обвинител, веднаш без одлагање, доколку сака градоначалничката, да ја сослуша за сите сомненија, сознанија и закани и да ги провери сите околности“, вели Обвинителството.