Во 2024 година јавните обвинителства се соочиле со значителен пораст на работа – против 37.255 лица биле водени постапки, од кои 25.909 се новопријавени сторители, што е близу 10 % повеќе од претходната година. Зголемениот прилив доаѓа во време на континуирано намалување на бројот на обвинители и службеници и недоволно средства за истражни дејства, стои во годишниот извештај на Јавното обвинителство.
Најизразен скок има кај делата од Главата XXVII на Кривичниот законик – кривични дела против безбедноста на сообраќајот – каде пријавите се зголемиле за 40 %, а расте и бројот на обвиненија. Забележлив е и порастот на тешки форми на убиства и други дела против животот и телото, каде бројот на пријави е речиси удвоен во однос на 2023 година.
Иако бројот на случаи со примена на посебни истражни мерки паднал од 87 на 35, мерките опфатиле 371 лице и 163 предмети, што укажува на покомплексни истраги со комбинирање повеќе техники за прибирање докази.
Извештајот е поднесен до Собранието, а за запознавање доставен и до Владата, Врховниот суд и Министерството за правда.