Обвинителството го повлече обвинението против лице погрешно поврзано со нападот на Данела Арсовска

МВР привело грешен човек за нападот врз градоначалничката Данела Арсовска во Чаир, покрај лицето С.Љ. кое заработи обвинителен предлог од Обвинителството за грубо насилство врз неа. Второто лице е ослободено и мерките што му беа определени му се отстранети затоа што Арсовска не го препознала како некој што ја навредувал и кој ѝ се заканувал.

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека еден од пријавените за закани кон градоначалничката Данела Арсовска нема да се гони кривично. Според обвинителството, по прибирањето на сите докази, исказите на сведоците и оштетените, како и по извршеното препознавање со соочување, било утврдено дека лицето не било препознаено како сторител на заканите. Бидејќи нема доволно докази за неговата кривична одговорност, обвинителството донело решение за отфрлање на пријавата и побарало од судот да ги укине претходно изречените мерки на претпазливост.

Во однос на другото лице, С.Љ., против него е поднесен обвинителен предлог за кривично дело Насилство по член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Тој се товари дека на 11 јули на улицата „Севастополска“ во Скопје физички ја нападнал градоначалничката, удирајќи ја по лицето, раката и ногата. Настанот се случил додека Арсовска со службени лица била на терен по пријава за бесправно градење.

Како што наведува обвинителството, осомничениот ѝ се приближил со електричен тротинет и започнал со заканувачко однесување, а потоа ја нападнал. По интервенцијата на полицијата, продолжил и со вербални навреди и закани. Обвинителството до судот доставило предлог за продолжување на притворот, оценувајќи дека постои опасност обвинетиот да се даде во бегство или да го повтори делото.

Зачлени се на нашиот е-билтен