Обвинителството се сретна со семејствата на жртвите од „Пулс“, отворен повик за сведоштва и докази

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и тимот обвинители кои ја водат истрагата за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска се сретнаа со семејствата на загинатите. Како што соопштија од Обвинителството, на средбата, обвинителите ги информирале блиските за досегашниот тек на истражната постапка и одговарале на нивните прашања и дилеми.

Од Обвинителството уверуваат дека истрагата е сеопфатна и дека се разгледуваат сите аспекти на евентуална одговорност:

  • Одговарајќи на сите поставени прашања и дилеми на блиските на починатите, обвинителите ги уверија дека истрагата е сеопфатна и се земаат предвид сите аспекти на евентуална одговорност за трагичниот настан. На семејствата им беше најавена и динамиката на претстојни распити на оштетените како следна фаза од истражниот процес, стои во соопштението од Обвинителството.

Оттаму велат дека Обвинителството продолжува интензивно да презема дејствија на распити и вештачења од кои најголем дел од прелиминарните резултати се очекуваат во следните неколку дена.

-Во истрагата се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и се вклучени десетици стручни лица од различни области, дополнуваат од ЈО.

Во исто време, Обвинителството упати и отворен повик до сите граѓани кои располагаат со лични сведоштва, информации или докази поврзани со работата на клубот „Пулс“ и поврзаните фирми, како и за надлежните институции, да ги споделат преку специјално изготвен формулар достапен на веб-страницата на Обвинителството (www.jorm.gov.mk).

Пополнетиот формулар може да се испрати на наменската електронска адреса: istragakochani@jorm.mk, по што, врз основа на релевантноста на податоците, граѓаните ќе бидат контактирани од истражниот тим.

Обвинителството нагласува дека навремено и сеопфатно расветлување на причините и одговорностите за пожарот останува врвен приоритет.

Семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска пред Јавното обвинителство во Скопје повикаа на одговорност и побараа оставки од сите одговорни и формирање на експертска влада.

Марш за Ангелите

Од Обвинителството се упатија кон Собрание каде повикаа на одговорност и отставки од пратениците. Семејствата на загинатите имаа средба со пратеници од Левица и СДСМ. Најпрво излегоа пратенците на Левица Борис Крмов и Јована Мојсоска, по што и пратениците од СДСМ, по што имаа разговор и со лидерот на опозицијата Венко Филипче. Потоа се упатија кон Министерството за внатрешни работи каде се очекува да имаат и средба со министерот Панче Тошковски.

Во истрагата за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март 2025 година, а во кој загинаа 62 лица, се осомничени 68 физички и три правни лица.

Пожарот беше предизвикан од искри од пиротехнички ефекти за време на концерт на групата „ДНК“. Дискотеката работела без валидна лиценца и прекршувала бројни безбедносни стандарди, вклучувајќи недостаток на противпожарни системи и доволно излези за евакуација.

Зачлени се на нашиот е-билтен