Во интервју за Канал 5 телевизија (17.07), премиерот Христијан Мицкоски даде изјава поврзана со усогласеноста на земјата со политиките на ЕУ, при што за борбата против корупција на актуелната влада, го спомена последниот извештај на ГРЕКО:
Сакам да кажам дека многу подалеку излеговме (во водењето европска политика и усогласеност со ЕИ – н.з.) и нашата политика е „силна Македонија“, со силна економија, со владеење на правото. Еве ГРЕКО вели добри сте. Прв пат после толку извештаи вели добри сте. Факт е дека 14 месеци, мои блиски роднини не се „касиери“ во ресторани за да го собираат арачот од државата или пак да градат огромни зданија или пак да се бизнис могули и магнати во државата, бидејќи такво беше искуството можеби со поранешните премиери… (од 7.15. мин. во видеото).
Премиерот Мицкоски, кој како и многу други сака фигуративно да се изразува за настани и процеси, во вчерашното интервју со изразот „еве ГРЕКО вели добри сте“(што фигуративно може да се протолкува како „тројка“, евентуално „четворка“), де факто демантираше дел од медиумите кои од неговиот говор во Владата по друг повод два дена порано (15.05.), ставија уреднички или новинарски наслови дека „Владата заслужено добила чиста петка од ГРЕКО“ или пак редеа други суперлативи. Доколку се погледне тој дел од говорот на Мицкоски, ќе се види дека насловите се претерани:
Кога ја презедовме одговорноста да ја водиме државата, најдовме институции заглавени во мрежа од злоупотреби, клиентелизам и системска корупција. Корупцијата не беше појава- беше правило. Правдата беше селективна. Владата беше сервис на моќни интереси, а не на граѓаните. Тоа беше сликата која ја наследивме. И затоа, една од првите и најрешителни борби што ја започнавме беше токму борбата против високата корупција.
Во таа борба, денес имаме и прва поголема потврда од меѓународната заедница. По години на институционален мрак, извештајот на ГРЕКО кој вчера беше објавен, е сигнал дека Македонија се движи напред, кон систем што функционира. ГРЕКО потврди: Македонија ја напушта ерата на селективна правда и политичка недопирливост. Со затворањето на постапките за усогласување, Групата на држави против корупција на Советот на Европа испрати јасна порака: дека постојат видливи резултати, конкретни подобрувања и силна политичка волја за прекин со старите практики.

Речникот на ГРЕКО е „задоволително“
Иако Мицкоски е поумерен од дел од медиумите во оценката („еве Греко вели добри сме“), речникот што го користи ГРЕКО во заклучоците од своите извештаи, конкретно и во овој, е „задоволително“.
Еве што пишува во Заклучоците на овој последен извештај на ГРЕКО, тело на Советот на Европа составено од група земји обединети во борбата против корупцијата, каде што членуваме и ние како држава:
Со оглед на горенаведеното, ГРЕКО заклучува дека Северна Македонија задоволително имплементираше 17 од 23 препораки содржани во Извештајот за евалуација за Петтиот круг. Од преостанатите препораки, 6 (шест) се делумно имплементирани.
Понатаму во извештајот стои:
Во согласност со Правилото 31, ревидиран bis, став 10 од Деловникот за работа на ГРЕКО, усвојувањето на овој Адендум на вториот извештај за усогласеност ја затвора постапката за усогласеност во рамките на Петтиот круг на евалуација во однос на Северна Македонија. Меѓутоа, властите на Северна Македонија сепак можат да го информираат ГРЕКО за развојот на настаните во врска со спроведувањето на препораките vii, viii, ix, xv, xvii и xxii, кои остануваат нецелосно спроведени.
Заклучоците кои се делумно исполнети се следните, а меѓу нив има сериозни препораки особено за Полицијата:
vii ГРЕКО препорача постојните правила за прифаќање на подароци од страна на лица кои вршат највисоки извршни функции да се поедностават и да се обезбедат совети за тоа како да управуваат со такви ситуации.
viii ГРЕКО препорача да се зајакне надзорот во однос на изјавите за интереси и имот на лицата кои вршат највисоки извршни функции во владата преку (i) обезбедување на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) со човечки и финансиски ресурси, надлежности, методологии и алатки кои се соодветни за правилно и ефикасно извршување на нејзините должности; (ii) да се воспостави соодветен механизам за верификација и спроведување на истраги кога е потребно и (iii) да се објавуваат резултатите, како што е најсоодветно
ix ГРЕКО препорача анализа на практичната примена на системот на санкции во однос на прекршување на правилата/легислативата за конфликт на интереси, интегритет и анти-корупција и обезбедување дека санкциите се ефикасни, пропорционални и одвратувачки.
xv ГРЕКО препорача (i) обезбедување дека регрутирањето во полицијата, вклучувајќи директно регрутирање и трансфер од други институции, е компетитивно и базирано на објективни и транспарентни критериуми и постапки; и (ii) воведување на проверки на интегритетот и тестирање на лица кои се вработуваат во полицијата.
xvii ГРЕКО препорача (i) да се воведат објективни и транспарентни критериуми и процедури за периодични проверки на интегритетот на полицискиот персонал; и (ii) резултатите од таквите проверки да се користат во постапките за унапредување.
xxii ГРЕКО препорача значително да се зајакнат мерките за практична имплементација на Законот за заштита на укажувачи во рамките на полицијата и соодветни информации да се направат достапни за јавноста.
Во официјалното соопштение од ГРЕКО, пак, дека е затворен евалуацискиот круг – вест најава за Извештајот – се употребуваат зборовите „ги поздравуваме чекорите“, „констатираме прогрес“, „ги охрабруваме властите“, итн…
Извештаите се повеќегодишни
Премиерот во двата настапа и во Владата и во интервјуто, успехот, што реално е „задоволително имплементирање на 17 препораки од 23“, недоследно го припиша само на перидот од делувањето на неговата влада. Тоа не е точно, зашто оценувањата се повеќегодишни, конкретно овој опфаќа период од две влади пред владата на Мицкоски и тоа може да се види уште на самиот почеток на Додатокот на Извештајот:
- …Овој Адендум кон Вториот извештај за усогласеност ги оценува мерките преземени од страна на властите на Северна Македонија за спроведување на препораките дадени во Извештајот за евалуација за Петтиот круг за Северна Македонија, кој беше усвоен на 82-рата пленарна седница на ГРЕКО (22 март 2019 година) и објавен на 27 јуни 2019 година, по овластување од Северна Македонија. Соодветниот Извештај за усогласеност беше усвоен од ГРЕКО на неговата 87-ма пленарна седница (25 март 2021 година) и објавен на 27 април 2021 година, по овластување од Северна Македонија. Вториот извештај за усогласеност беше усвоен од ГРЕКО на неговата 94-та пленарна седница (9 јуни 2023 година) и објавен на 18 октомври 2023 година, по овластување од Северна Македонија.
- Како што се бара со Деловникот за работа на ГРЕКО, властите на Северна Македонија доставија Ситуациски извештај за преземените мерки за спроведување на препораките. Овој извештај беше примен на 16 септември 2024 година и послужи како основа за Адендумот кон Вториот извештај за усогласеност….
Од ова е сосема јасно дека за оценките во овој извештај работеле три влади, на Зоран Заев, на Димитар Ковачевски и актуелната на Мицкоски.
Впрочем, во деталната анализа на „360 степени“ објавена ден по пофалните зборови на премиерот Мицкоски во Владата, се констатира дека од 23-те препораки, Владата на Мицкоски целосно го исполнила само барањето за измена на Деловникот за работата на Владата содржано во препораката број 4.
Како и да е, сепак и со ова целосно спроведена препорака, Владата на Мицкоски го иницирала Адендумот или Додатокот на Вториот извештај, со тоа што во септември 2024 година испратила нов ситуациски извештај, а во декември уште едно известување за сменетиот Деловник. Од материјалите се гледа дека од 2023 до 2024 година има разлика во четири препораки кои биле од делумно во целосно исполнети, па така од бројката 13 се стигнало до бројката 17 целосно исполнети, а 6 делумно.
Дали ова е најдобриот извештај?
Досега Република Македонија и С. Македонија минале низ пет евалуациски кругови на ГРЕКО кои биле фокусирани на различни теми. Преглед на заклучоците на извештаите кои можат да се најдат и на сајтот на ГРЕКО и на сајтот на Министерството за правда, зборуваат за тоа дека после Првиот извештај (2002 г. ) чии заклучоци биле незадоволителни(стр.46), со Анексот на Извештајот за Вториот круг на евалуација (2009 г.), Македонија исполнила 13 од 14 препораки на задоволителен начин (стр.8). Во Вториот Извештај за Третиот круг на евалуација на РМ од 2013 година, се наведува дека земјата задоволително исполнила 10 од 13 препораки. Гледано по бројки, најмалку целосно спроведени препораки има во Адендумот на Извештајот за Четвртиот круг на евалуација од 2022 година (спречување корупција кај пратеници, судиии и обвинители), кога земјава исполнила само 9 од 19 препораки на задоволителен начин, други 9 делумно, а една воопшто не била исполнета.
***
Вака гледано Извештајот за Петтиот круг на евалуација од ГРЕКО е навистина многу подобар од првиот во 2002 година или претпоследниот од 2022 година. Но, веројатно е послаб од извештаите во 2009 година и 2013 година? Се разбира дека не може оценките да се даваат толку едноставно, бидејќи од 2002 година до денес, се смениле многу влади и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ и секоја од нив, помалку или повеќе придонела чекор по чекор да се поткреваат стандардите и мерките во борбата за превенција или спаравување со корупцијата. Во дадени момент земјата добивала поповолни оценки и исполнувала повеќе препораки, а во дадени моменти одредени влади ги уназадувале процесите и се враќале чекор назад. Извештаите на ГРЕКО иако нудат многу детални параметри, се само дел од големата слика за справување и превенција на корупцијата.
За Мета.мк, пишува: Теофил Блажевски