Сите државни институции и јавни правни лица најдоцна до 15 септември ќе мора да ги заменат регистарските таблички на службените возила со нови, специјални таблици во боја.
Оваа новина, усвоена на владината седница одржана на 29 јули, има за цел зголемена транспарентност и полесно препознавање на државните автомобили. Дополнително, ќе биде отворена телефонска линија преку која граѓаните ќе можат да пријавуваат евентуални злоупотреби. Секоја пријава ќе биде евидентирана и обработена според законските процедури.
Утре ќе бидат објавени повеќе детали на прес-конференција на Службата за општи и заеднички работи на Владата, на која ќе присуствуваат директорот Ивица Томовски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик-претседателот на Владата за добро владеење Арбен Фетаи и директори на други државни институции.
Во тек е и подготовката на централен регистар на сите службени возила, со кој ќе се обезбеди поголема контрола и увид во нивната употреба, особено во текот на изборните процеси.