Во однос на реакциите на јавноста поврзани со постапувањето на полициските службеници за време на претресот во домот на директорката на средното училиште КП Мисирков во Демир Хисар Маја Лозановска, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема соодветни мерки и активности од своја надлежност за што дополнително ќе ја известиме јавноста.
Ова доаѓа по бурните реакции на јавноста поврзани со постапувањето на полициските службеници за време на претресот кога началникот на полицијата на Демир Хисар им рече на лекарите на брзата помош со носилки да ја однесат Маја Лозановска во полициска станица и покрај предупредувањето од страна на здравствените работници за нејзината здравствена состојба.
Во соопштението на МВР уште се наведува дека на 08.08.2025, по претходна пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 390 од Кривичниот законик – „Одземање или уништување службен печат или спис“ врз основа на наредба од Основен суд Битола, во периодот од 19:25 до 20:20 часот, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Демир Хисар, во присуство на адвокат, извршиле претрес во домот на М.Л. (57) од Демир Хисар. Исто така, со судска наредба, во периодот од 20:45 до 21:30 часот бил извршен претрес и во службените простории во средно училиште кои ги користи М.Л.