Редакцијата на Рацин.мк ја реобјавува колумната на колегата Љубиша Николовски со корекција заради укажувањето на Здружението на новинарите на Македонија во кое се нагласува дека ЗНМ „нема дадено таква изјава за конкретниот случај, ниту пак е побарана информација од страна на редакцијата на Рацин.мк во врска со наводите што се прикажани како став на Здружението за овој случај“, односно за случајот на односот на премиерот Мицкоски кон новинарката на Ал Џезира Милка Смилевска што беше повод за оваа колумна.
Го прифативме укажувањето на ЗНМ и во продолжение ја реобјавуваме колумната на Николовски без тој дел од претходниот негов текст:
За разлика од тоа кога беше во опозицијата, по доаѓањето на власт, односот на Мицкоски кон новинарите се смени. На последните неколку јавни настапи на новинарски прашања тој одговара со иронични коментари и обвинувања за политичка пристрасност.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Некогаш отворен, достапен и трпелив до понизност кон новинарските прашања, со внимателен однос кон медиумите, денес премиерот Христијан Мицкоски сè почесто ја изразува својата арогантност и иронија кон новинарите. Од ден на ден, прес-конференциите што треба да бидат платформа за отчетност сè повеќе се претвораат во арена за прозивки, префрлање на вина и сомневање во новинарската непристрасност.
Кога беше лидер на опозицијата, Мицкоски се поставуваше како сојузник на медиумите – одговараше на секое прашање, вклучувајчи ги и најнепријатните, дури и на оние мини интервјуа на „бележаниот“ Саше „политико“. со нагласена почит и сериозност.
Тој често тврдеше дека во едно демократско општество новинарите се столб на вистината, а нивната работа е од клучно значење за транспарентноста.
Но, по доаѓањето на власт, тонот се смени. На последните неколку јавни настапи, Мицкоски одговараше на новинарски прашања со иронични коментари и обвинувања за политичка пристрасност.
Последен пример е овој од вчера кога на едно прашање од Милка Смилевска од „Ал Џезаира“, премиерот саркастично возврати дека „ова не е естрада“ и додаде дека „ова не е како порано“, алудирајќи на времето на СДСМ, кога, според него, медиумите биле на страната на власта.
И тоа не му е прв пат вака да се однесува кон оваа реномирана новинарка, но и кон други колеги новинари. Во сличен тон, новинарски прашања на прес-конференции често ги дочекува со иронична насмевка или коментар, алудирајќи дека новинарот „работи за некого“. Таквиот дискурс не само што го девалвира професионализмот на новинарството, туку и испраќа порака дека критиката е непријателски чин.
Овој тип реторика не останува незабележан и медиумите реагираа на ваквото однесување на премиерот.
Ако Мицкоски сака да ја одржи сликата на реформатор и лидер на нова, отчетна влада, ќе мора да се сети на односот што го имаше како опозиционер – оној кој веруваше дека јавноста заслужува одговори, дури и кога се неудобни.
Односот меѓу политичарите и медиумите е лакмусов тест за зрелоста на едно демократско општество. Но, во последните месеци, јавниот дискурс во Северна Македонија добива сè поостра и поантагонистичка нота, особено кога станува збор за односот на целата владина гарнитура предводена од ВМРО-ДПМНЕ кон новинарите што поставуваат критички или незгодни прашања. Наместо транспарентност, се наметнува реторика на надмоќ, иронија и постојана споредба со минатото.
Карактеристичен е образецот со кој Мицкоски и тимот министри, на критички прашања не нуди конкретен одговор, туку ја пренасочува вината на СДСМ, користејќи фрази како „А не како порано“, или „Па знаете ли што правеа тие пред нас?“. Овој пристап служи како одбранбен механизам за избегнување на директна одговорност. Така, кога се поставува прашање за неговиот личен имот или партиски трошења, за тендерите, за високите кредити, одговорот не е доказ или факт, туку напад кон политичкиот противник.
Наместо дијалог и отчетност, ваквиот стил на комуникација води кон поларизација и страв кај новинарите.
Врвот на арогантниоТ однос е можеби во фразата што се почесто ја користи Мицкоски и владините службеници: „Оставете ја државата да си ја работи својата работа“!!!
Да не заборават, оваа Држава не им паднала како наследство од родителите, туку ја добиле на доверба на граѓаните да ја водат одреден период-додека таа доверба не ја изгубат. А тоа некогаш се случува побргу одошто се мисли.
Дополнително, односот кон медиумите се прелева и во други институции: Мицкоски јавно побара оставки од членови на Судскиот совет, со индиректна закана за протести. Тоа отвора сериозни прашања за почитување на поделбата на власта и демократијата.
Критичкото новинарство не треба да се сфаќа како напад, туку како двигател на јавната отчетност. Политичарите што се стремат кон Европа мораат да го прифатат тој принцип, особено ако самите повикуваат на „достоинство и вредности“.
Ако Мицкоски навистина сака да ја редефинира политиката во Северна Македонија, треба да почне од сопствениот однос кон медиумите. Не со потсетување на минатото, туку со погледот свртен напред кон иднината.