Собранието ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кои се укинува зголемувањето на пензиите со фиксен износ. Од септември 2025 година, пензиите повторно ќе се усогласуваат според старата методологија – 50% според индексот на трошоците на животот и 50% според порастот на просечно исплатената плата.
Членот 37, кој го регулира усогласувањето на пензиите во периодот од 1 септември 2024 до 31 август 2025 година, беше донесен со цел реализација на линеарното зголемување од 5.000 денари – 2.500 денари на 1 септември 2024 и 2.500 денари на 1 март 2025 година.
Со измените се воведува и нов услов за именување на директор и заменик-директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Кандидатите ќе мора да поседуваат уверение, сертификат или потврда за познавање на еден од трите најкористени јазици во Европската Унија.
Пратеничката од СДСМ, Јованка Тренчевска, посочи дека пензионерите кои стекнале право на пензија во Македонија, но примаат исплата во друга држава, ќе бидат исклучени од усогласувањето на пензиите. Според неа, оваа одредба засега околу 12.000 лица, од кои најголем дел живеат во Србија (5.737 лица) и Косово (1.000 лица), како и во 30 други земји.
Тренчевска нагласи дека со оваа измена овие пензионери нема да добијат усогласување на пензиите ниту во март 2025, ниту во иднина. Таа додаде дека оваа промена може да овозможи државите со кои Македонија има договори за социјално осигурување да го применат истиот принцип за македонските граѓани кои се пензионирале во странство, но одлучиле да живеат во Македонија.