Од што се плаши Мицкоски? Соочувањето со реалноста на јавното мислење на овие избори, но и анкетите на власта покажуваат дека големата поддршка на изборите во 2024 година, сега стрмоглаво се спушта на ниво на поддршката на цврстото партиско јадро. Тоа е црвената граница и токму затоа Мицкоски ќе сака тој пад на довербата во владата да го запре тука. Затоа, а не за друго Мицкоски не исклучува предвремени парламентарни избори.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Мицкоски не исклучува предвремени парламентарни избори. Тој вчера во Струмица изјави дека по очекуваната победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, логично би било да се размислува за можноста за предвремени парламентарни избори и нов четиригодишен мандат.
За таа одлука ќе се воделе не од политичкиот туку од интересот на државата, ја довршил тој оваа своја најава.
Ова е изјава од вчера, на 8 октомври.
Пред три недели, на 19 септември, истиот тој Мицкоски порачува дека по локалните, нема да се оди на предвремени парламентарни избори. Тој смета дека Владата е стабилна и кохерентна и е уверен дека владината коалициите, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН и партијата ЗНАМ, ќе победат на локалните избори.
Предвремените парламентарни избори, како што кажа во септемрви, ќе значат само нивно одложување за најмалку шест месеци.
Во август, пак, Мицкоски најави реконструкција во Владата после локалните избори и дека ќе се отворат вратите за нови луѓе зашто ниту една функција не е вечна.
Е сега, нема да бидеме злонамерни и да се ситиме не неконзистентноста на Мицкоски бидејќи тој тоа го докажува од изјава во изјава и затоа фокусот ќе го насочиме кон заднината на најава за предвремени избори од Струмица.
Од што се плаши Мицкоски? Без разлика на тоа што ја дополнува оваа изјава со тоа што вели: „Ќе влеземе во еден циклус на засилен инвестициски бран и оној кој ја следи политиката ќе рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе има силна победа, посилна од таа, барем така зборуваат, во 2021 година, и логично е да се предизвикаат предвремени парламентарни избори за да се обезбеди нов четиригодишен мандат.“
Сепак, изборните кампањи се време кога со сета остарина се соочуваат ветувањата и промашувањата. Се разбира, има тука и многу пропаганда и спинови, но внимателниот проследувач ги препознава разликите.
Оттаму, она што е видливо е отсуството на самодоверба на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори без разлика што, најверојатно, ќе имаат причнини за славење.
Ова може да звучи контрадикторно, но лесно може да се докаже логиката зад таа контрадикторност. ВМРО-ДПМНЕ се во подемот на владеење заради тоа што сѐ уште јаваат на успехот на парламентарните избори, а оваа партија е „махер“ кога станува збор за создавање еуфорија меѓу своето членство.
НО, така доаѓаме до клучниот момент: Го трошат големиот кредит што им го одобрија граѓаните на парламентарните и на претседателските избори во 2024 година.
Кога земаш кредит, во овој случај тоа победата на изборите и кога ќе формираш влада, истиот ден кога ќе започне мандатот, започнува и враќањето на кредитот, а ануитетите, односно секоја рата е исполнување на ветувањето врз основа на кое е добиен кредитот.
На што го трошат или го потрошија кредитот?
На 23 јуни 2024, кога Собранието ја изгласа новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ (ВЛЕН) и ЗНАМ, премиерот Христијан Мицкоски најави фуриозен старт и економски раст.
Шеснаесет месеци подоцна, тој вели „секој почеток е тежок“ и дека не почнале од нула туку од минус и сега „градат нови темели“.
Наместо фуриозни странски директни инцвестиции (СДИ), според податоците на Народната банка, во однос на последниот квартал од 2024 година, странските директни инвестиции се намалени за 261,7 милиони евра – од 397,5 на 135,8 милиони евра. Во споредба со истиот квартал лани, падот е 191,4 милиони евра.
Тоа е најниско ниво на СДИ од 2020 година, кога светот беше под блокада од пандемијата.
Мониторингот на платформата „Компас“ што ја подготвија група невладини организации, предводени од Фајнанс тинк за економско-социјалните мерки покажа дека засега се исполнети четири од вкупно 43 изборни ветувања или само 9 проценти.
Меѓу исполнетите се оние дека нема да има повисоки даноците на личен доход и на добивка, што не се оданочува реинвестираната добивка и што за 5.000 денари се зголемени пензиите.
Но од друга страна, инфлацијата не езапрена и таа го јаде стандардот на граѓаните, а козметичките средства за спинување со потрошувачки кошнички за семејство за тројца, или за двајца, не успеваат да го покријат неуспехот на владата и на овој план.
Покрај социо-економските, анализата ги опфаќа и мерките од уште четири други области како образование, здравство, млади и жени. За сите пет области власта дала 139 ветувања, а досега остварила само 18 што е 13%, додека 51 ветување (31%) е во насока на исполнување.
Во однос на евроинтеграциите, иако ветувањата беа дека за шест месеци од почетокот на мандатот ќе има поместување во овој процес, очигледно е дека Владата не е подготвена да направи исчекор во однос на уставните измени, а веројатно и подолго, што пак креира долгорочни ризици со оглед на геополитичките случувања во Европа и пошироко.
Ако се вратиме на нашата илустрација за „трошење на кредитот на владата“, секое неисполнето ветување е, всушност, задоцнета или „неплатена“ рата, односно ветување. Во таков случај, како и во секој кредит расте казнената камата, во нашиот случај, незадоволството на граѓаните и тоа на крајот може а заврши со активирање на хипотеката. Во нашата илустрација таа хипотека е мандатот во владиниот кабинет.
Е, сега, по втор пат, има едно многу ризично решение по кое во вакви случаи може да се посегне. Да земеш нов кредит за да го „покриеш“ стариот. Во нашиот случај новиот кредит е – вонредни избори. Но многу чести новиот кредит, односно вонредните избори, се добиваат под многу полоши услови, па прашање е дали се исплати или не, односно дали новиот „кредит“ ќе те извлече од калта.
Но, во случајот Македонија, проблем е што партијата на власт не го отплаќа кредитот, туку граѓаните. И затоа му е лесно на Мицкоски да најави нов барање за нов „кредит“, односно за вонредни парламенатарни избори.
Она што е карактеристично за време на досегашниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН е дека се однесуваат како да се опозиција пред својата последна шанса за политички опстанок и оттаму им произлегуваат и политичките практики.
Од сето ова претходно едно е сигурно: Ако граѓаните во 2024 гласаа масовно за ВМРО-ДПМНЕ за да добијат стабилност во владеењето и сигурни чекори кон иднината, тоа не се оствари.
Ова на Мицкоски му е сосема јасно, па затоа и оваа најава за (можни) предвремени избори. Соочувањето со реалноста на јавното мислење на овие избори, но и анкетите на власта покажуваат дека големата поддршка на изборите во 2024 година, сега стрмоглаво се спушта на ниво на поддршката на цврстото партиско јадро. Тоа е црвената граница и токму затоа Мицкоски ќе сака тој пад на довербата во владата да го запре тука.