Македонија, во соработка со Светската банка, започнува постапка за избор на компанија што ќе го воведе интелигентниот транспортен систем (ИТС) на автопатот по Коридорот 10, од границата со Србија до границата со Грција. Станува збор за прв проект од ваков тип на Балканот, кој има за цел да го унапреди транспортот, безбедноста и туристичката атрактивност на државата.
Проектот предвидува поставување инфраструктура што ќе овозможи следење на временските услови и сообраќајната густина во реално време, информации за состојбата на патиштата и протокот на возила, бесплатен интернет и поставување електрични полначи по должината на коридорот. Светската банка учествува со грант во висина од 60 проценти од вкупната вредност на проектот.
Во рамките на активностите е предвидена и целосна рехабилитација на автопатот со цел подобрување на квалитетот на возењето и зголемување на транзитниот сообраќај.
Истовремено, Министерството за култура и туризам работи на поставување дигитални табли и развивање мобилна апликација што ќе ги обедини сите туристички, културни и економски содржини по должината на коридорот. Апликацијата ќе биде достапна преку QR-кодови на граничните премини и ќе содржи информации за локалните атракции, гастрономски и вински понуди, културни настани и угостителски капацитети.
Проектот има за цел да го поттикне креативниот и одржлив туризам преку поврзување на локалните заедници, занаетчии, угостители и производители во заедничка туристичка понуда. На тој начин, транзитните патници ќе бидат информирани за можностите што ги нуди земјата, со цел да се задржат подолго и да придонесат кон локалниот економски развој.
Во рамките на пошироките инфраструктурни подобрувања, се предвидува и проширување на најфреквентниот граничен премин, зголемување на бројот на ленти, како и развој на дистрибутивна мрежа за електронска наплата на патарина со цел побрз проток на возила.

