Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Од успехот на Новогодишната кошница зависи иднината на Велигденската и Рамазанската

Од успехот на Новогодишната кошница зависи иднината на Велигденската и Рамазанската
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека резултатите од Новогодишната кошница, која завршува на 15 јануари, ќе одредат дали следните празнични кошници за Велигден и Рамазан ќе бидат реализирани преку промотивни акции или со одлука за замрзнување на цените.

„Новогодишната кошница беше реализирана преку доброволно намалување на цените од страна на производителите и трговците, со наша поддршка. Ако не ги исполни очекувањата, следните кошници ќе ги донесеме со одлуки за замрзнување на цените,“ изјави Дурмиши.

За почетните злоупотреби на цените, Дурмиши ги обвини производителите, дистрибутерите и трговците.

„На моето биро веќе има подготвена одлука за замрзнување на цените. Доколку Државниот пазарен инспекторат утврди злоупотреби, за само еден час Владата ќе донесе таква мерка,“ потенцира тој.

Заменик-министерот Марјан Ристески истакна дека Законот за нефер трговски практики ќе донесе долгорочна стабилизација на цените.

„Законот регулира дека маржата не смее да надминува 10% годишно, вклучувајќи рабати и други трошоци. Иако месечно маржите можат да варираат, ова ќе создаде стабилни цени за крајните потрошувачи,“ рече Ристески.

Тој додаде дека стабилни цени водат кон стабилизирана инфлација и намалување на цените за одредени производи, потенцирајќи дека претходно рабатите биле и до 40%.

Новогодишната кошница сега се наоѓа под будното око на Владата, чија иднина ќе ги обликува наредните чекори за заштита на куповната моќ на граѓаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен