Од утре почнува аплицирањето за субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година

Министерството за образование и наука (МОН) објави дека од утре започнува аплицирањето за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година.

Во повикот објавен од МОН се наведени условите и начинот на аплицирање, а рокот за пријавување е до 5 септември 2025 година за тековните студенти, како и за оние кои ќе стекнат статус на студент во новата академска година.

Финансиската поддршка изнесува 140 денари по ден и е наменета за купување храна. Студентите можат да ја користат од понеделник до сабота во правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна. Исплатата на надоместокот не се врши во периодот на летниот распуст, од 1 јули до 1 октомври.

Аплицирањето се врши електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/. Повикот е отворен за сите редовни студенти на прв и втор циклус, како и на интегрирани студии на јавните и приватните универзитети во државата. Апликантите треба да бидат државјани на Република Северна Македонија и да немаат месечен приход поголем од минималната нето-плата во тековната година.

При аплицирањето, студентите задолжително прикачуваат пополнети и потпишани обрасци: Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци. МОН по службена должност ги обезбедува останатите докази за исполнетост на условите, преку информации од МВР, УЈП и студентските служби на факултетите.

За техничка поддршка при аплицирањето, студентите можат да се обратат до Секторот за ученички и студентски стандард на електронската адреса: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk.

За реализација на исплатите, МОН има склучено договор со Шпаркасе банка АД Скопје. Сите студенти кои ќе стекнат право на оброк ќе бидат известени електронски и ќе треба да потпишат договор со банката за отворање посебна сметка со наменска платежна картичка.

Министерството исто така информира дека аплицирањето ќе биде отворено секој месец од 1-ви до 5-ти за студентите кои не го оствариле правото на оброк по претходниот повик или чие право е прекинато, а повторно ги исполнуваат критериумите.

Зачлени се на нашиот е-билтен