Државната изборна комисија соопшти дека од утре стартува постапката за собирање потписи за независни кандидати за градоначалници во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа. Потписите ќе се даваат пред службени лица во надлежните подрачни одделенија и канцеларии на ДИК, како и пред нотар, секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот, додека на последниот ден – 30 ноември – постапката ќе биде овозможена до полноќ.
Собирањето потписи за кандидатите за Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше ќе се врши во Подрачното одделение на ДИК во Гостивар, додека за Центар Жупа надлежна е канцеларијата на ДИК во Дебар.
Процесот завршува на 30 ноември во 24 часот, по што листите ќе може формално да се пријават.
Повторените избори за градоначалници во овие општини се распишани бидејќи на локалните избори одржани на 19 октомври не беше постигнат потребниот цензус, па изборниот процес остана недовршен.

