Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Одбележана 17-годишнината од хеликоптерската несреќа во која загинаа единаесет припадници на Армијата

Со едноминутно молчење и полагање свежо цвеќе на спомен-обележјето во Катлановско Блаце, денеска беше одбележана седумнаесет годишнината од трагичното загинување на единаесетте припадници на Армијата, кои ги загубија своите животи враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

Како што соопштија од Министерството за одбрана, почит на загинатите им оддадоа делегации од МО и Генералштабот на Армијата, предводена од министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, од Командата за операции, 1.пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ, од општината Петровец, како и членовите на семејствата.

– Претходно во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, на спомен обележјето пред командата на воздухопловниот ВИНГ со полагање свежо цвеќе беше оддадена почит од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ. Почит кон единаесетте загинати македонски припадници ќе биде оддадена и во меморијалниот парк во кампот Бутмир, Сараево, во Босна и Херцеговина каде што нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА, наведуваат во соопштението.

Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред седумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.

Зачлени се на нашиот е-билтен