Во познатиот и и еден од најубавите манастири посветен на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во дебарското село Рајчица одекна моќниот благоѕунлив звук на новата камбана–благовесник, поставена во манастирската камбанарија со благослов на Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј.
Осветувањето на новото ѕвоно го изврши Владиката, придружен од браќата свештенослужители, од сестрите од Рајчица и Причеста и од многубројни верници, меѓу кои и дарителот Владимир Стајиќ.
Новата камбана, тешка 830 килограми, е излеана во леарницата на мајсторот Младен Кременовиќ во село Белосавци, Република Србија, и доаѓа како ктиторски дар од Владимир Стајиќ, почесен конзул на Република Србија вонашата земја, заедно со неговата ќерка Ангела. Со ова се надоплни стариот кралски сет камбани, некогашна гордост на Бигорски, а сега воскреснат и сјаен украс и глас на манастирот.
-Најстарата камбана од овој комплет е од 1850 година и е дар од српските кнезови Петар и Андреј со сестрите. Во 1851 година, дебарските христијани подариле уште една камбана, заедно со две помали. Досега најголемата камбана е од 1925 година и е дар од кралот Александар I Караѓорѓевиќ и неговото семејство. По иницијатива и со благослов на владиката г. Партениј, кој полага голема грижа и посветеност за запазување и обнова на православното наследство и предание, тие камбани неодамна беа реставрирани во реномираната австриска фирма Grassmayr, и повторно вратени во функција, рече за МИА, сестра Ефимија од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“.
Според неа, новата камбана-благовесник, како најголем член на овој величествен сет, сега го надополнува тој жив глас на духовното наследство, благотворно ѕвонејќи и повикувајќи на молитва, на покајание, на духовна радост.
Во моментот на осветувањето, владиката Партениј ги произнесе молитвите со кои се повикува Божјиот благослов врз новото ѕвоно, кој од тој миг веќе не е само метал, туку благословено орудие на благодатта Божја.
-Од нејзиниот звук бурите да се стишат, градот, молњите и страшните громови да престанат, сите противнички небесни сили да отстапат, сите разгорени непријателски стрели вперени во нас да се изгаснат и сите штетни злорастворенија на воздухот да се успокојат, задржани од Твојата сесилна и крепка десница. Нека гласот на новиот „Благовесник“ во Рајчица, со својот благ и проникнувачки повик, ги пробудува душите на верните, ги утешува нажалените, ги вразумува заблудените и нека ја најавува вечната радост на невечерниот Осми ден на Царството Христово, посакал владиката Партениј.
На камбаната „Благовесник“ е врежан ктиторскиот натпис: „Во слава на Троичниот Бог и во чест на Св. Вмч. Георгиј Победоносец ова ѕвоно го приложи благочестивиот Владимир Стајиќ, почесен конзул на Р. Србија во Северна Македонија, со својата ќерка Ангела, на манастирот Рајчица за благослов и вечен спомен, во времето на смирениот игумен и нов ктитор Епископ Антаниски Партениј.“