„Одредете си цена за вашите деца“ на Мицкоски, изјава која што никогаш не смее да се заборави. Мицкоски, меѓу другото така им се обратил на родителите на мртвите деца и на уште двесте тешко повредени во пожарот во дискотеката во Кочани, очи во очи, со луѓето кои во очај дојдоа кај него на 7 јули оваа година, за да му кажат дека очекуваат целосна, темелна истрага и правда.
Според зборовите на родителите клучниот момент на состанокот бил кога Мицкоски го прочитал првото од нивните пет барања – исплата на еднократна парична помош за душевна болка и нематеријална штета – и на тоа реплицирал:
„Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца.“
„Тоа беше газење врз спомените, врз болката, врз човечкото достоинство“, напишаа тогаш во отвореното писмо, родителите, во кое уште наведоа дека нивната борба е исклучиво за правда, а не за политички поени, и бараат итно процесуирање на одговорните за трагедијата.
Во соопштението на Владата по повод писмото на Здружение на Граѓани 16ти Март 2025 Кочани на родителите на загинатите и повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“, немаше категоричен демант дека премиерот, според наводите на писмото на родителите им рекол „одредете си цена за вашите деца“, на нивното барање за “Еднократна парична помош за секое семејство погодено од трагедијата, за душевна болка и нематеријална штета, преку Фондот за итна поддршка од државниот буџет”.
Има само две реченици кои не порекнуваат остро и категорично дека премиерот рекол таква бесчувствителна реченица – „Одредете си цена за вашите деца“.
Наместо таков демант, во соопштението се беше напишано:
Не се точни наводите пренесени во дел од медиумите за состанокот со роднините на загинатите од кочанската трагедија. Во моментот се прави злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина.
Целата содржина понатаму се флоскули и празни зборови од типот: „Владата е тука за семејствата…“, „писмото на рдителите е потсетник…“
Оттаму, кога е веќе така, само како брутален израз на ароганција и застрашувачка нечувствителност може и треба да се оцени пораката на премиерот Христијан Мицкоски на родителите на жртвите во пожарот во дискотеката во Кочани.
Тоа што го пренесуваат во писмото родителите е само мал израз на ефектот на бесчувствителноста на реченицата на премиерот изречена пред родителите чијашто траума е немерлива и неспоредлива со сѐ што постои како искуство од ваква трагедија.
Згора на сѐ, тоа не било единственото понижување на кое биле изложени родителите. На нивните прашања во врска со барањата во писмото, Мицкоски одговорил дека го гледа за првпат, дека штотуку му било предадено од службите.
Тоа е уште еден израз на непоимлива ароганција и на Мицкоски и на Владата, затоа што родителите напишаа дека им било кажано дека барањето е примено и разгледано.
Портпаролката на Владата, во обид да ја објасни ситуацијата тогаш им рече на родителите дека во Владата има процедура.
Тоа само потврди дека трагедијата во Кочани била резултат на таквите процедури. На систем кој е апсолутно дисфункционален.
Во пресрет на закажаниот почеток на судскиот процес, денеска во Скопје ќе се одржи „Марш за ангелите“ – протестен марш во спомен на 63-те млади луѓе кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Настанот започнува во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, по што учесниците ќе се упатат кон парламентот, а финалето ќе биде пред Основниот кривичен суд.
Во организација на граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“, ова е првиот ваков марш во главниот град, по неколку недели саботни собири што родителите ги организираа во Кочани. Тие испратија порака што одекнуваше низ целата земја: „Не сакаме милост, туку вистина и правда. Болката е наша, но борбата е за сите. Ни треба вашата поддршка“. Родителите изразуваат надеж за масовно учество и нагласуваат дека нивната борба нема да престане сè додека не се утврди целосна одговорност за трагедијата што ги одзеде животите на нивните деца.
Организаторите упатија апел до сите граѓани да им се придружат:
Дојдете и бидете со нас. Секоја поддршка значи сила, секој човек е важен. Да застанеме заедно, да покажеме дека болката не нè скршила и дека борбата за вистинска правда продолжува.

