Офанзива на македонските слависти, дури 30-мина ќе учествуваат Меѓународен славистички конгрес во Париз

проф. д-р Емилија Црвенковска
проф. д-р Емилија Црвенковска

Триесет македонски слависти ќе учествуваат на 17. Меѓународен славистички конгрес кој од 25 до 30 август ќе се одржува во Париз. Слависти од целиот свет ќе дискутираат за теми од словенските јазици и литература – првпат во несловенска земја од организирањето на светските конгреси кои се одржуваат на пет години.

Ова во интервју за МИА ги соопшти проф д-р Емилија Црвенковска претседателка на Македонскиот славистички комитет, чија обврска е подготовка на нашите учества на светските конгреси.

Проф. д-р Емилија Црвенковска, која е член на Меѓународниот славистички комитет, вели дека на конгресот во Франција ќе има најмногу македонски учесници досега, кои своите теми ќе ги претстават на Универзитетот Сорбона пред нивни колеги слависти од околу 40 земји во светот.

-Нашите лингвисти и литерати слависти, коишто, се подразбира, во најголем дел се македонисти, се претставуваат со различни теми: од историјата на јазикот, дијалектологијата, современите состојби во македонскиот јазик, социолингвистички теми и сл. Темите од областа на литературата се однесуваат на некои историски аспекти во литературата, но во најголем дел се посветени на современата македонска литература. Голем дел од темите се споредбени во однос на другите словенски јазици и литератури, рече Црвенковска.

Во библиуотеката на организаторот на конгресот во Париз – Францускиот славистички комитет, ќе останат шеесетина наши славистички изданија кои по овој повод ги испратил Македонскиот славистички комитет.

Проф. Црвенковска, која до неодамнешното пензионирање предаваше старословенски јазик на Филолошкиот факултет при УКИМ, во интервјуто посочува дека сите словенски земји се под влијание на глобализацијата и тоа се гледа во опаднатиот интерес на студентите за изучување на словенските јазици.

Зачлени се на нашиот е-билтен