Српското Собрание денеска ја констатираше оставката на премиерот Милош Вучевиќ, која тој ја поднесе на 28 јануари по нападот врз студентите кои изведуваа блокада во Нови Сад, објави Н1.
Со прифаќањето на оставката, владата станува техничка, а започнува рок од 30 дена за избор на нов премиер и нова влада.
Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, му се заблагодари на Вучевиќ за чесното извршување на функцијата премиер.
Оставката на Вучевиќ беше поднесена три месеци по трагедијата во Нови Сад, кога бетонска настрешница на железничката станица падна и однесе 15 животи. Овој инцидент беше причина за масовни протести низ цела Србија, кои сè уште продолжуваат.
По оставката на Вучевиќ, оставка поднесе и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека ако не се формира нова влада во рок од 30 дена по потврдувањето на оставката во Парламентот, парламентарните избори би можеле да се одржат на 8 јуни.