Обилните врнежи што деновиве го погодија охридскиот регион предизвикаа поплави во делови од градот и околината, информира Центарот за управување со кризи. Според состојбата од 13:00 часот, пријавени се поплавени подруми, дворови и неколку објекти, а на повеќе места се евидентира и излевање на водотеци. На терен се ангажирани локалната самоуправа и кризниот штаб, додека екипи на ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат и ја отстрануваат водата.
Во Општина Охрид денеска се одржа состанок на Кризниот штаб за заштита и спасување, на кој присуствуваа претставници од јавната администрација, ЦУК, Дирекцијата за заштита и спасување, СВР Охрид, јавните претпријатија, противпожарната единица и други надлежни институции. На состанокот беше направено мапирање на критичните точки и план за итно дејствување со дополнителни екипи на терен.
Стручните служби укажуваат дека Коселска Река се излеала на неколку критични точки, при што се поплавени објекти за домување, дворови и јавни површини. Како најкритични се посочуваат улицата „Гоце Делчев“ во близина на Здружението на возачи и потегот кај селото Орман, каде што е поплавена поголема површина. Поплави се евидентирани и на други локации на улицата „Железничка“, како и на патниот правец Охрид–Свети Наум, во делот кај населбата Рача. Општината соопшти дека се ставени на располагање сите капацитети на јавните претпријатија и дека се работи координирано со градежна механизација и пумпи за испумпување, со цел да се намалат штетите и да се спречат дополнителни последици.
Од локалната самоуправа апелираат граѓаните да се воздржат од движење низ ризични подрачја каде што има зголемено ниво на водата и навремено да пријавуваат критични состојби до надлежните служби.
Според метеоролошките најави, во Охрид денес се очекува променливо облачно време со повремени локални врнежи од снег, а во пониските места од дожд и снег, со умерен до повремено засилен ветер од северозападен правец, кој може да надмине 60 километри на час. Максималната температура се очекува да достигне до 12 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Денес врнежите се најавуваат како пообилни, особено попладне и во текот на ноќта, со засилен ветер од јужен правец. Утре, поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер, врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во дел од пониските места. Во западните планински предели се очекува нова снежна покривка, а помала покривка е можна и во пониските места. Во петок се најавува преодно стабилизирање, додека за време на викендот, особено во сабота, повторно се очекуваат локални врнежи од дожд и снег, на места пообилни, со температура во опаѓање.