Учениците Андреа Савиќ и Славчо Мургоски од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид освоија златен медал на Меѓународниот натпревар во мехатроника, инженерство и електротехника „Балкан јуниор“ што изминатите два дена се одржа во Велење, Словенија.
Под менторство на професорите Владо Јанкулоски и Сања Јованоска до првото место тие дојдоа со освоени максимални сто можни бода и на теоретскиот и практичниот дел од натпреварувањето, во силна конкуренција натпреварувачи од средношколски центри од седум балкански држави.
Ова е четврти пат со ред ученици од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“-Oхрид да ја освојат првата награда на овој престижен меѓународен натпревар. Второто место ја освои екипата од Босна и Херцеговина, додека третополасирана беше екипата на Словенија.
Натпреварувањето во Словенија е 11-то по ред издание на „Балкан Јуниор“, во областа на мехатрониката, инженерството и електротехниката, осмислено со цел промовирање на техничкото образование и иновацитивноста кај младите луѓе.
Учеството во вакви настани придонесува за развој на практични вештини, решавање проблеми и тимска соработка, кои се вештини кои се неопходни за успех во современиот свет.