Охридските средношколци со молчење им одадоа почит на настраданите во несреќата во Кочани

Како што и беше најавено, тие се собраа во дворовите на училиштата, од каде се упатија кон Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“, каде палеа свеќи, положува цвеќе пред параклисот и со молчење изразија сочувство до семејствата на настраданите во кочанската трагедија.

Самиот марш и собир е иницијатива на Сојузот на средношколци на Република Македонија, што беше прифатена од сите средношколски установи од Охрид и мина според најавеното, без какви било пораки и официјални изјави.

Инаку, младите од Охрид пред новинарите што го следеа настанот говореа дека после несреќата во дискотеката во Кочани поинаку гледаат на потенцијалните опасности при такви помасовни собири, како што се забавите во преполните дискотеки и ноќни клубови.

Според она што го рекоа, не се убедени дека ноќните клубови, дискотеките и угостителски локали што работаат до рано наутро ги исполнуваат стандардите за безбедност, дека честопати се пуштаат повеќе гости од она што дозволува капацитетот на самите објекти.

Младите од Охрид самокритични, посведочија дека и како малолетни одат во дискотеките, дека најчесто успеваат на некаков начин да го поминат обезбедувањето и да влезат во клубовите. Она што најмногу им пречи, барем според нивните зборови, е тоа што честопати има инциденти во дискотеките и ноќните клубови, за кои потоа ништо не се зборува во јавноста, како тоа намерно да се заташкува. Велат дека несреќата во Кочани во која животот го загубија 59 млади лица, голем дел од нив нивни врсници, ќе ги натера да подразмислат малку повеќе за сопствената безбедност, каде излегуваат и повеќе да ги имаат предвид безбедносните препораки и законските одредби.

Зачлени се на нашиот е-билтен