Соња ТАНЕСКА
Трагедијата во Кочани, каде што пожарот проголта објект кој не ги исполнувал основните безбедносни стандарди, отвори бројни прашања за градежните прописи и заштитата од пожари во Македонија. Деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Горан Марковски, предупредува дека овој случај е показател за системскиот пропуст во примената на градежните стандарди.
„Практично, ништо од стандардите за заштита на објекти од пожари не било исполнето. Правилникот е строг и пропишува бројни барања, но очигледно во овој случај тие не биле почитувани“, изјави Марковски.
Тој истакнува дека објектот во кој се случи трагедијата имал дрвена кровна конструкција, запаливи материјали и недоволна заштита од пожар. Според него, елементарни безбедносни мерки како противпожарни апарати, инсталации за обесчадување, прскалки, хидранти и дојавувачи на пожар не биле присутни, што драстично ја зголемило опасноста.
„Сведоци сме на објект кој тотално не задоволува стандарди. Пожарните излези биле ограничени, еден дури бил заклучен со катанец. Ова не е само пропуст, туку директно загрозување на животите на луѓето“, нагласува професорот.
Еден од клучните аспекти за безбедноста на објектите, кој го посочи професорот Марковски, е потребата за прегради на секои 25 метри квадратни. Тој објасни дека за да се обезбеди сигурна евакуација и да се намали ризикот од пожар, неопходно е да се постават прегради кои ќе овозможат луѓето да се движат побезбедно во објектот, особено во случаи на итни евакуации.
„Преградите се важен елемент кој го олеснува протокот на луѓе во случаи на пожар, бидејќи обезбедуваат додатни излези и намалуваат ризикот од заглавување во одредени простории. Треба да се поставуваат прегради на секои 25 метри квадратни, што е препорачано според европските стандарди,“ изјави Марковски.
Наредниот критичен момент што го спомена професорот беа вратите. Тој нагласи дека многу објекти не имаат соодветни врати за евакуација, што претставува сериозен ризик за безбедноста на луѓето. Вратите во овие објекти не се дизајнирани за брзо отворање во итни случаи, а некои се дури и блокирани. Професорот Марковски истакна дека овие проблеми се особено изразени во стари објекти кои не се реновирани во согласност со новите стандарди.
„Нема доволно внимание на деталите, како што се врати и прозорци, кои се од клучна важност во итни ситуации,“ рече професорот, додавајќи дека многу од зградите во Македонија не ги исполнуваат основните безбедносни стандарди. Тој посочи дека дури и зградите во кои живее, немаат доволно мерки за безбедност во случај на пожар.
Дополнително, тој укажува на системски проблем во надзорот и издавањето дозволи за користење на објектите. Според важечките закони, надзорните органи, кои се ангажирани од самите инвеститори, ги потврдуваат градежните исправности, што отвора простор за конфликти на интереси и злоупотреби.
„Надзорот кај новите објекти го врши лице назначено од инвеститорот, што значи дека постои можност да се потпишуваат извештаи без реална проверка. Тоа е огромен проблем што доведува до вакви трагедии“, вели Марковски.
Оваа несреќа повторно го отвори прашањето за состојбата со противпожарната заштита во Македонија. Според професорот, доколку навистина се спроведат сите пропишани стандарди, 80% од зградите и објектите во земјава би требало да бидат затворени.
„Се работи за основни мерки на заштита кои се пропишани со закон, но не се спроведуваат. Слична ситуација гледаме и со урбанистичките планови, сообраќајната инфраструктура и многу други аспекти на јавната безбедност“, додава тој.
Марковски потенцира дека ваквите теми мора постојано да бидат во фокусот на јавноста, наместо да бидат засенети од дневнополитички прашања.
„Мораме да зборуваме за ова, затоа што станува збор за животи. Политиката е едно, но ваквите проблеми имаат директни последици врз граѓаните. Оваа трагедија покажа дека алчноста и занемарувањето на безбедносните стандарди може да доведат до катастрофални последици“, заклучува професорот.