Од пред неколку дена, сите поголеми маркети во земјава се должни да ги објавуваат цените на своите производи онлајн. Измената на Законот за заштита на потрошувачи, донесена со цел да се овозможи поголема транспарентност, треба да им помогне на граѓаните полесно да ги споредуваат цените и да купуваат поинформирано.
Но на терен – или поточно, на интернет – ситуацијата изгледа далеку покомплицирано.
Некои веб-страници нудат минимална функционалност, други изгледаат како табли од Excel без филтри или логика, а трети воопшто не се ажурирани. Наместо да добијат алатка што ќе им го олесни животот, потрошувачите велат дека добиле уште една дигитална обврска.
Во разговор за „Рацин.мк“, повеќемина граѓани велат дека идејата можеби е добра, но спроведувањето е „тешка мисија“ – особено за постарите, за оние без интернет-искуство, или пак за оние кои едноставно немаат време.
64-годишната пензионерка Лила Игнатоска од Скопје секое утро го започнува со кафе но вели дека тешко се снаоѓа со пребарувањето на цените.
„Мене секој денар ми е важен, пензијата и не ми е толку висока. Сакам да купам поевтино, ама морам прво саат време да барам каде е поевтино млекото и после уште саат време за да го најдам во марект, додава таа.
Министерот за економија, Бесар Дурмиши, уверува дека оваа мерка ќе им овозможи на граѓаните „информирани избори“ и предупредува дека казните за маркетите кои нема да се усогласат со законот ќе достигнат до 10.000 евра.
„Ова не е дигитална револуција, туку дигитална замка“, вели Томче Петровски, ИТ-експерт и татко на две деца. „Најголем дел од луѓето над 50 години немаат ни идеја како да ги најдат тие цени.“
Младиот студент Стефан (22), пак, вели дека ја користел оваа алатка еднаш – и никогаш повеќе.
„Пробав да споредам која продавница има поевтин сок. Ме изгуби после третата табела. Поевтино ми беше да се качам на точак и да обиколам три маркета.“
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) е дециден: мерката е непродуктивна. Љупчо Радевски од ССМ вели дека ваквите реформи се само „тиквички за пред избори“: звучат убаво на хартија, но никој реално не ги користи.
Експертите препорачуваат дигитална платформа на ниво на држава, каде сите цени би биле агрегирани и автоматски споредени – без потреба од посета на десет различни сајтови.
До тогаш, илјадници граѓани ќе продолжат да „штракаат“ по тастатури во потрага по најевтиното брашно – и да се прашуваат дали навистина вака изгледа модерна заштита на потрошувачот.
Соња Танеска