Иако Законот за младинско учество ги обврзува општините да отворат младински центри, Прилеп и по истекот на рокот сè уште нема ваков сервис, па младите наместо во простор за идеи и креативност своето секојдневие го поминуваат по кафулиња.
Автори: Марија Ташкоска* и Анета Шијакова**
Преполни кафулиња, мирис на кафе и гласен џагор на собрани друштва на млади луѓе. Ваква атмосфера е карактеристична во пладневните часови во прилепската чаршија. Токму тука, помеѓу мирисот на кафето и гласната музика, активистката Ангела ја опишува реалноста на своите врсници, објаснувајќи дека за младите е проблем тоа што голем дел од времето и енергијата ги трошат на кафиња наместо на креативен ангажман.
„Проблемот не е дека немаме идеи, туку дека немаме каде да ги реализираме. Секојдневно гледам талентирани музичари како вежбаат по подруми, уметници што немаат каде да изложуваат дела и активисти што состаноците ги држат по кафулиња. Младински центар за нас не е само зграда – тоа е потреба за младинско собиралиште каде што ќе разменуваме идеи, заедно ќе бараме решенија на проблемите што нѐ тиштат и ќе бидеме креатори на културни содржини важни за сите млади во градот“, вели Ангела Стојческа од организацијата „Младински совет Прилеп“.
Ова мислење го делат многумина млади прилепчани, кои го бараат она што им следува според законот – Прилеп да добие Младински центар.
Илјадници млади во градот немаат институционален простор за креативност, учење и активизам
Потребата од отворање Младински центар во Прилеп е актуелна тема веќе неколку години, особено што Законот за младинско учество и младински политики (Законот за млади) ги обврза сите општини да воспостават ваков центар најдоцна до јануари 2025 година. Со донесувањето на Законот за млади, на почетокот на 2020 година, за првпат во Македонија беа дефинирани младинските центри како еден од сервисите за млади.
„Младинските центри се места каде што се подготвуваат и се спроведуваат програми што ја подобруваат благосостојбата на младите, личниот развој и нивниот социјален и професионален живот. Во младинските центри се обезбедуваат информации од важен интерес за младите и други аспекти од нивниот живот“, стои во Законот.
Со Законот беше воведена и обврска за сите општини да овозможат функционирање на најмалку еден Младински центар во рок од пет години од неговото донесување. Иако овој рок е поминат, Прилеп и понатаму нема ваков сервис за младите.
Во Општина Прилеп, според пописот од 2021 година, живеат 11.452 лица на возраст меѓу 15 и 29 години. Според Зоран Илиески од „Младински совет Прилеп“, овие млади наместо во функционален центар, своите идеи и понатаму ги дебатираат на маргините на социјалниот живот.
„Додека во Охрид, Битола и во Кавадарци овие центри веќе функционираат како хабови за активизам, во Прилеп младите сè уште немаат безбеден, опремен и бесплатен простор за организирање активности за младите“, напоменува Илиески.
Младинските центри покажуваат резултати. Според Извештајот на Агенцијата за млади и спорт за 2023 година, во општините каде што постојат младински центри вклученоста на младите во локалните процеси се зголемила од 5 на 25 проценти, во споредба со оние општини што немаат вакви простори.

„Младите во Прилеп немаат ‘свој дом’ каде што можат да се дружат, да дебатираат и да развиваат вештини надвор од формалното образование. Прилеп е еден од најголемите градови во Македонија, а младите се принудени да се среќаваат по кафулиња. Ни треба институционална поддршка, а не само декларативни заложби. Постојано добиваме ветувања, но реализацијата на терен доцни“, вели активистката Стојческа.
И според Правилникот за стандарди за квалитет на младинските центри, донесен од Агенцијата за млади и спорт, општините имаат обврска финансиски да го поддржат основањето и функционирањето на младинските центри. Тие мора да обезбедат соодветен простор, да ги покријат режиските трошоци за работа на центарот, да обезбедат мебел и техничка опрема, материјали за годишни програмски активности и трошоци за ангажирање на младинските работници.
Иако во Програмата за млади на Општина Прилеп декларативно се предвидуваат средства за оваа намена, реалноста е поразлична од она што е напишано на хартија.
Христијан Тунески, советник во Советот на Општина Прилеп, појаснува дека општината моментално нема конкретна ставка „Млади“ во буџетот. Сепак, тој додава дека доколку се сумира во сите сфери, поддршката е значителна.
„Ако ги собереме сите сфери во кои се дава поддршка, станува збор за околу 5 милиони денари. Овие средства се однесуваат на спортски клубови, стипендии за талентирани и надарени ученици, млади спортисти со успех на национално и на меѓународно ниво, како и стипендии за Економскиот факултет“, вели Тунески.
Општина Прилеп има назначено службеник за млади, што е исто така задолжително според Законот за млади. Неговата задача е да ја олесни комуникацијата помеѓу локалната власт и младите. Службеникот за млади треба да ја претставува главната точка за контакт со младите, младинските организации и локалниот младински совет на Прилеп. Негова задача е следење на спроведувањето на Законот за млади и раководење со активностите на Канцеларијата за млади.
„Општината настојува да обезбеди поддршка и помош во сите сфери што ги засегаат младите, од образование до ноќен живот“, вели службеникот за млади во Општина Прилеп, Гоце Бумбароски.
Во врска со потребата младите во Прилеп да добијат Младински центар, тој вели дека во Буџетот за 2026 година работите се менуваат.
„Во Буџетот за 2026 година значително е зголемена рамката за финансирање активности поврзани со младите, иако тоа сè уште не е официјално дефинирано како посебна ставка. Најголем дел од средствата се наменети за спортски активности и спортска инфраструктура, но поддршка има и во делот на културата, образованието, екологијата и инфраструктурата насочена кон младите и младинските организации“, појаснува Бумбароски додавајќи дека иако нема посебна ставка, сите овие проекти се директна поддршка за младинскиот развој.
Младински центар не е луксуз, туку неопходност
Без Младински центар, опциите за квалитетно поминување на слободното време за просечен млад човек во Прилеп во моментов се ограничени. Токму затоа секојдневието на младите е сведено на кафулиња или на спортски обложувалници. Недостигот на простор каде што би можеле да се одржуваат дебати, културни настани, обуки и неформално образование директно влијае врз нивната пасивност.

За да се принудат властите да реагираат, беше организирана и петиција на која се потпишаа повеќе од 600 граѓани со барање да се отвори Младински центар.
Оваа потреба ја потврдуваат и неколку млади активисти со кои разговараше „Локал Актив Пелагонија“. За Магдалена Маркоска, Младински центар е суштински не само за Прилеп, туку за секој град.
„Младински центар не е потребен само во Прилеп, туку низ сите општини во Македонија. Во секој град треба да постои ваков простор каде што младите ќе можат да се собираат, да се развиваат лично и професионално, да се здружуваат, да учествуваат во работилници и да остваруваат меѓусебна интеракција“, вели Маркоска.
На сличен став е и младиот граѓански активист Андреј Тошески, кој ја нагласува законската и социјалната димензија.
„Според Законот, општината е должна да има Младински центар. Ваквиот центар ќе им овозможи на младите да го користат своето слободно време на продуктивен начин и да ја развиваат својата креативност, наместо да се насочуваат кон непродуктивни активности“, смета Тошески.
Младиот прилепчанец Михаил Јорданоски додава дека тоа е место за личен печат:
„На младите им е потребен Младински центар за подобро да ги изразат своите интереси и идеи, да се надградуваат на лично и на професионално ниво, но исто така тоа ќе им биде првото место каде што ќе се дружат и ќе го поминуваат своето слободно време.“
Барањата за Младински центар траат со години
Првото барање да се отвори Младински центар во Прилеп беше во 2022 година, две години по донесувањето на Законот, а низ годините притисокот од младите беше константен и гласен. Сепак, одговорот од надлежните секогаш остануваше на ниво на „планирање“. Патот до сопствен простор започна со официјални петиции и јасни барања доставени од Локалниот младински совет и до многубројни граѓански организации. Овие иницијативи беа поткрепени со податоци од веб-платформата иницирај.мк и потпишани од голем број млади граѓани, кои преку својот потпис упатија директен апел до Општината за итно исполнување на законската обврска.

Беа организирани и серија инфо-денови и јавни дебати, со цел подигање на јавната свест за потребата од Младински центар. Притоа беа презентирани и модели за тоа како треба да изгледа еден модерен центар во Прилеп, по примерот на другите градови во државата. Преку креативни методи како „Булевар на мислења“, младите прилепчани прецизно го нацртаа својот идеален центар: простор со мултимедијална соба, зона за одмор („Chill“ зона), катчиња за шах, креативно изразување и литературни секции.
„Младите очекуваат Младинскиот центар да биде место за дружење, поврзување и заедничко делување. Простор каде што ќе имаат свое ‘катче’ за идеи, иницијативи и продуктивни активности“, вели активистката Магдалена Маркоска додавајќи дека тие сакаат интерактивни содржини како музичка соба, катче за читање и простор за уметност, и сето тоа да биде на едно место.

Андреј Тошески додава дека меѓу предлозите имало и дебатен клуб, како и центарот да биде пристапен за сите граѓани на централна локација.
Сепак, она што најмногу загрижува е непочитување на Законот. Прилеп не само што го проби првичниот рок, туку веќе навлезе во „црвената зона“ на прекршување на Законот.
Се бара локација за центарот
Во изминатите години заложбата на младите од Прилеп да добијат Младински центар се најде и во сенка на меѓусебни обвинувања помеѓу власта и опозицијата. Додека политичките опоненти низ годините наназад се расправаат кој е виновен за состојбата на објектите, младите генерации на Прилеп го губат трпението. Наместо Младински центар каде што би добивале информации за стипендии, вработување и мобилност, тие се принудени сѐ уште да чекаат на исполнување на даденото ветување.
Најголемиот пораз на целата иницијатива за Младински центар беше локацијата што беше понудена како решение – објектот на поранешната Виша економска школа, односно Работничкиот универзитет „Пере Тошев“. Иако во 2023 и 2024 година се најавуваше негова адаптација, денес овој објект е практично урнатина исполнета со шут и смет.
Според советникот Тунески, Советот е тој што треба да ја достави иницијативата за пронаоѓање локација.
„Сите одлуки поврзани со Младинскиот центар, советниците треба да ги изгласаат, за потоа да може да се спроведуваат процедурите и законските обврски“, објаснува Тунески.
Во моментов, фокусот е ставен на пронаоѓање нова, соодветна локација. Тунески открива дека процесот е при крај:
„Во моментов се бара локација за Младински центар. Има расположение и мотивација од страна на градоначалникот и советниците. Веќе се прави попис на целиот имот на Општина Прилеп и при крај е процесот на негово завршување за да знаеме каде се движиме. Има неколку локации што веќе се таргетирани како соодветни, но постојат и законски процедури што мора да се испочитуваат за да бидат предадени тие објекти на Општината и пренаменети во Младински центар“, вели Тунески.
Ова го потврдува и службеникот за млади Бумбароски, кој вели дека планот за центарот е меѓу клучните приоритети.
„Со оглед на тоа што оваа тема често се споменува, планот за отворање на Младинскиот центар е меѓу топ 10 проектите што ги вети градоначалникот. Чекорите за негова реализација се во завршна фаза. Во изминативе неколку месеци разговаравме со градоначалникот за тоа што е потребно да се направи, а во наредниот период ќе се пристапи кон реализација. Првично, најважно е да се утврди локацијата – таа да биде приспособена, пријатна за работа, блиску до центарот на градот и пристапна за сите млади, како и функционална во континуитет“, истакнува Бумбароски.
Зрак надеж: Отворена Музичка соба во Прилеп
Крајот на 2025 година донесе извесна доза надеж дека работите се поместуваат од мртва точка. Еден ден пред Нова година во Центарот за култура „Марко Цепенков“ се отвори Музичка соба. Овој акустичен и опремен простор им овозможува на аматерските бендови и вокалисти бесплатно да вежбаат, со што Прилеп стана првата општина со ваков тип содржина.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, најави дека ова е само почеток.
„Во 2026 година би направиле сериозен чекор кон формирање Младински центар, во соработка со Младинскиот совет. За мене нема поважна и поприоритетна обврска од обезбедување катче за младите каде што би можеле да се развиваат“, изјави во таа пригода градоначалникот Проданоски.
Советникот Тунески потврдува дека се прават напори и во други области: „Сметам дека во наредниот период Општината ќе го овозможи тоа, најпрво со оформување Локален младински совет, а потоа и во другите сфери на делување на градоначалникот и советниците. Што се однесува до спортот и културата, мислам дека се придвиживме од мртва точка. Оваа година се зголемени средствата за спортските клубови и за културните настани и сметам дека следува година на пресврт во која ќе ја вратиме довербата на младите во Прилеп.“

Тој ги издвојува проектите како „Од 0 до култура“, каде што локални бендови настапуваат секој четврток, како и најавениот мини фестивал за графити.
Иако Музичката соба е значаен успех, младите во Прилеп се претпазливи. По години поминати во „политички пинг-понг“ помеѓу различни власти и опозиции, тие сега очекуваат Музичката соба да не остане единствениот изолиран пример, туку да биде темел на ветениот Младински центар, кој ќе ги исполнува тековните потреби од младите од аспект на инфо-услуги, едукација и овозможување простор за креативно изразување и творење.
Искуствата од други општини ја потврдуваат важноста на младински центри
Прилеп не е осамен во битката за отворање Младински центар. Податоците од Мониторинг извештајот за имплементација на Законот за младинско учество и младински политики (2024) на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) покажуваат дека младински центри се отворени во 14 општини, односно во само 17 % од сите општини во Македонија. Досега младински центри има во Центар, Чаир, Куманово, Пробиштип, Штип, Велес, Кавадарци, Битола, Струмица, Македонски Брод, Охрид, Боговиње, Брвеница и во Гостивар.
Таму каде што има функционални младински центри, искуствата ги потврдуваат придобивките за младите, што јасно укажува дека младите во целата земја треба да добијат вакви центри во општината каде што живеат.
Како поблиску до Прилеп, младинските центри во Охрид, Битола и во Кавадарци функционираат како безбедни и инклузивни простори каде што младите се дружат, учат и ги надоградуваат своите вештини и знаења преку неформално образование.
Младинскиот центар Охрид е еден од првите во државата што ги исполни законските стандарди. Тој функционира како партнерство помеѓу Општина Охрид и Коалицијата „СЕГА“, при што на младите во градот им нуди програми за личен и професионален развој, менторство, волонтерски активности и забавни содржини. Просторот лоциран во Старата касарна во Охрид е поделен на зони за работа, за состаноци и за релаксација.
Младинскиот центар Битола е отворен во мај 2023 година и е управуван од конзорциум на три организации: „ИМКА“, „Сфера“ и „МКЦ Битола“, во соработка со Општина Битола. Тој е активен во делот на дигитално образование за млади, ментално здравје и екологија. Во просториите на улица „Крушевска“ број 5 во Битола се организираат и интеркултурни вечери, денови за готвење и јазични курсеви.
Позитивни искуства споделуваат и другите центри низ Македонија. Младинскиот центар Кавадарци важи за еден од поуспешните примери во Македонија според стандардите за квалитет на Агенцијата за млади и спорт. Функционира на тој начин што се насочува на младинското учество и вклучување на младите во локалните политики. Програмите се креираат врз основа на потребите на младите кавадарчани, вклучувајќи креативни работилници, обуки за меки вештини и нудење простор за работа на младински проекти.
Заедничко за сите младински центри е тоа што сите услуги и работилници се бесплатни и достапни за младите. Во секој центар работат професионални младински работници што ги поддржуваат младите да ги реализираат своите идеи.
Финансирањето и функционирањето се на ниско ниво
Предизвици постојат дури и таму каде што веќе се отворени младински центри. Најчест проблем за нивно непречено функционирање се финансиите. Иако законскиот рок за сите 80 општини да отворат младински центри истече во јануари 2025 година, реалната бројка на функционални центри што добиваат поддршка од локалните самоуправи е значително помала.
Законот предвидува општините да ги финансираат овие центри, но реалноста покажува дека најголем дел од центрите сè уште зависат од повремени проекти и странски донации наместо од фиксна буџетска ставка од општината. Проблем е и недостигот на кадар. Дел од центрите немаат вработено професионални младински работници платени од општината, туку се потпираат на волонтери. Исто така, често се случува општината да обезбедува само простор, но не и средства за режиски трошоци или програмски активности.
Според Мониторинг извештајот за имплементација на Законот за младинско учество и младински политики (2024), бројот на општини што имаат назначено службеник за млади бележи пад — од 65 во 2023 година, на 55 во 2024 година. Иако Општина Прилеп ја има исполнето оваа административна формалност со назначување службеник, без соодветен буџет и простор, овие позиции остануваат само „на хартија“.

Дополнително, финансиската поддршка за млади во државата е на загрижувачки ниско ниво. Иако законот предвидува минимум од 0,1 % од општинскиот буџет за млади, во 2024 година оваа обврска ја исполниле само девет општини во целата држава.
Овие бројки јасно го исцртуваат јазот помеѓу она што е напишано во „Службен весник“ и она што младиот човек го чувствува на своја кожа — дека институционалната грижа често завршува со потпишувањето на одлуката, а реалната промена останува заглавена во некоја фиока.
Европски стандарди, локални предизвици
Додека Прилеп се бори со основните инфраструктурни прашања, европската практика одамна дефинира дека Младинскиот центар е многу повеќе од „четири ѕида и неколку компјутери“.
Според документ на Советот на Европа, младинската работа е клучна социјална практика, која мора да исполнува строги стандарди за да биде ефективна. Оваа препорака е првиот меѓународен правен инструмент што во фокусот ја става исклучиво младинската работа, обврзувајќи ги државите, вклучително и Македонија како членка на Советот на Европа, да создадат услови за нејзин развој.
Иако препораката не вели дека секој град мора да има зграда со натпис „Младински центар“, таа во делот „Ресурси и организациска структура“ наведува дека државите членки треба да обезбедат соодветна инфраструктура и ресурси за младинската работа, вклучувајќи безбедни простори и објекти достапни за младите луѓе во нивните локални заедници.
Младинскиот центар според овој документ е „безбедниот простор“ што општината е должна да го обезбеди за да може воопшто да се практикува квалитетна младинска работа. Овие стандарди предвидуваат дека еден функционален центар мора да се темели на неколку клучни столба, кои во Прилеп сè уште недостасуваат. Така, на пример, европските норми налагаат во центрите да работат професионални младински работници — лица со специфични компетенции што не се ниту професори ниту административци, туку ментори на младите. Во Прилеп, иако има назначен службеник, сè уште нема дефиниран кадар што секојдневно ќе работи со младите на терен.

Европските стандарди исто така налагаат одржливост наместо „проектна зависност“. Советот на Европа јасно укажува дека финансирањето мора да биде стабилно и предвидливо. Младинскиот центар не смее да зависи од добрата волја на лицата на функција или од краткорочни грантови, туку мора да има посебна, фиксна линија во општинскиот буџет. Исто така, младинскиот центар треба да биде безбеден и инклузивен простор, односно „втор дом“ за секој млад човек во општината, кој без разлика на неговиот социјален или економски статус, ќе има пристап до неформално образование. Тоа значи дека Младинскиот центар треба да понуди можности младите да стекнат вештини што не се учат во училиште — од медиумска писменост и дигитална креација до критичко размислување и граѓански активизам.
За Прилеп, ова значи дека предизвикот не е само да се најде локација и да се пресече лента, туку да се создаде систем што ќе ги следи овие европски квалитетни ознаки. Без стручен кадар и програма креирана од самите млади, градот ризикува да добие „младински клуб“ наместо вистински едукативен и креативен Младински центар.
* Марија Ташкоска е активистка на организацијата Младински совет Прилеп
Сторијата е преземена од Локал актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.