Општина Велес за неполна година исплатила 11,8 милиони денари за каснувања од кучиња

За 11 месеци од годинава, Општина Велес исплатила вкупно 11,8 милиони денари за обесштетување на граѓани каснати од бездомни кучиња, што претставува рекорден износ од општинскиот буџет. Во просек, за оваа намена месечно се издвојувале околу еден милион денари, а средствата се исплатувале и на оштетените лица и на адвокатите кои ги застапувале.

Според податоците од локалната самоуправа, меѓу пријавените случаи има и цело семејство кое било каснато во краток временски период, како и едно лице кое било нападнато од кучиња дури четири пати, во различни годишни времиња.

Градоначалникот на Велес, Марко Колев, изјави дека покрај реалните напади, постои сомнеж дека дел од пријавите се фиктивни и служат за злоупотреба на општинскиот буџет. Тој информира дека до Основното јавно обвинителство во Велес е поднесена пријава против непознат сторител за лажни каснувања, но засега нема повратна информација за постапувањето.

„Имаме вистински напади од кучиња, но убеден сум дека голем дел од случаите се измислени. Законот ни дозволува бездомните кучиња да ги задржиме најмногу 30 дена, тие не можат трајно да бидат згрижени“, истакна Колев.

Во Регионалниот центар за згрижување на бездомни животни „Шепа“, лоциран во близина на Кавадарци и формиран од девет општини од Вардарскиот плански регион, во периодот од 2 мај до 31 октомври годинава биле третирани 365 кучиња. Од нив, 97 биле заловени на територијата на Општина Велес, заклучно со октомври.

Од центарот информираат дека досега не се заловени бездомни кучиња од општините Свети Николе, Чашка и Лозово, иако локалните власти биле известени дека услугата е достапна. Советници во Општина Велес оценуваат дека со досегашното темпо на работа, ниту граѓаните ниту кучињата не се доволно безбедни на улиците.

Советникот Јованче Манасков посочи дека центарот „Шепа“ има фактурирано 549 илјади денари кон Општина Кавадарци, а 308 илјади денари кон Општина Велес, што според него укажува на поголем ангажман во помалата општина, иако Велес има значително поголем проблем со бездомни кучиња.

В.д. директорката на Регионалниот центар „Шепа“, Снежана Гинева, појасни дека во Кавадарци биле заловени 150 кучиња, наспроти 97 во Велес, главно поради тоа што прифатилиштето е лоцирано таму и екипите почесто интервенираат на таа територија.

„Расположливи сме со само едно возило со кое ги опслужуваме деветте општини, од кои шест се активни. Во Велес доаѓаме организирано, најмалку двапати неделно. Потребно ни е уште едно возило“, изјави Гинева, додавајќи дека е потребно време за да се почувствуваат ефектите од работата на центарот.

Таа нагласи дека проблемот со бездомните кучиња во најголем дел произлегува од неодговорно сопствеништво, односно од граѓани кои по краток период ги напуштаат милениците и ги оставаат на улица.

Извор: СДК

Зачлени се на нашиот е-билтен