Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски објави дека кејот на Вардар „добива нов лик“ со реконструкција на спортски терени и изградба на современа градска плажа, како обид Скопје да добие поуреден јавен простор покрај реката.
Според најавите, на кејот се реконструираат терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се отвораат фитнес-зони на отворено, а во пакетот се вклучени и спортските терени во Маџир Маало. Градоначалникот ја претстави „градската плажа“ како безбедно и уредено катче за одмор и рекреација, а во објавите се споменува и поддршка од Министерството за спорт.
Останува запишано во Скопје 2014 под лупа на „Призма/БИРН“, дека идејата за Градска плажа по должината на реката Вардар во е еден од промашените проекти на „Скопје 2014“.
Изградбата на првата Градска плажа на реката Вардар официјално наречена „Парк“ почна во јуни 2010 година.
Истата година, веднаш по првата, најавена е изградба и на втората плажа „Камени мост“ која беше пуштена во употреба во 2011 година.
Според плановите, просторот на кејот од левата страна на Вардар, т.е. од Градскиот парк па сѐ до Камениот мост, веднаш под новиот театар требаше биде покриен со песок, со дрвени платформи и лежалки, столови и маси, што и беше случај во првиот период од пуштањето во употреба на плажите.
„Овој проект го реализиравме поттикнати од идејата на скопјани да им овозможиме културно собиралиште, софистицирано заживување на кејот, рекреација, освежување и забава во текот на летните денови и да го вратиме имиџот на левиот брег на кејот на реката Вардар“, рече тогаш на отворањето на една од плажите градоначалникот Коце Трајановски.
Меѓутоа, реализацијата на градските плажи остана далеку од бомбастичните изјави искажани на нивото отворање. Градската плажа во центарот на Скопје, кај Камен мост, воопшто не функционира и набргу беше претворена во градилиште поради плановите за градење на Градското тркало, коешто беше уште едно големо промашување и нереализирана фантазмагорија на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Другата, кај Градски парк, ни оддалеку не остава впечаток на функционален простор како градска плажа за освежување на жителите на Скопје.
А и во која река да се освежуваат, кога реката, која некогаш симболизираше просперитет и плодност, денес служи како неофицијална депонија за отпад во градот. Изметот што го произведуваат неколку стотици илјади домаќинства во Скопје и околината, се исфрла директно во водата. Една обиколка по течението на Вардар е доволна за да се заклучи колкав е еколошкиот проблем – „автентичниот декор“ на реката го чинат илјадници пластични шишиња, остатотоци од мрши од животни, градежен отпад, телевизори, фрижидери, каучи. Во близина на реката има безброј диви депонии за отпад.
Секоја година Центарот за јавно здравје во Македонија им забранува на граѓаните да ја користат водата за пливање, наводнување, риболов, пиење, па дури и дишење во близина на реката за време на топлите летни денови кога испарувањата се високи.