Орданоски: Во Естонија 24 часа можете да пријавувате дезинформации во полиција

На панелот „Демократијата под опсада“, дел од конференцијата „Одбрана на демократијата и човековите права“, д-р Сашо Орданоски го истакна значењето на системскиот пристап во борбата со дезинформациите, посочувајќи дека изолирани напори не се доволни за заштита на демократијата.

„Демократијата е во криза. Не можат поединци да ја одбранат, туку ни е потребен систем кој ќе биде функционален и одговорен,“ рече тој, нагласувајќи дека системот не треба да наликува на „големиот брат“.

Орданоски објасни дека новинарството не е само барање на вистината, туку на факти поставени во релевантен контекст. Тој истакна дека традиционалните медиуми имаат улога во контрола на информациите, поставување на агенда и обликување на јавниот дискурс.


Како позитивен пример, Орданоски го спомена системот во Естонија, каде што полициски служби се достапни 24 часа за пријави на дезинформации. Тамошниот модел вклучува брза детекција на изворите и преземање конкретни мерки, и тоа во општество со значителен процент на руски говорници, што ја прави задачата уште покомплексна.

„Естонија покажува дека системските решенија, засновани на технологија и институционална поддршка, се клучни во борбата против манипулациите,“ додаде тој.


Д-р Орданоски, експерт по комуникации и политички науки, има богато искуство од над 40 години во новинарството и односите со јавноста. Тој предава на Универзитетот на Југоисточна Европа и Универзитетот Американ Колеџ Скопје и е дел од бројни меѓународни иницијативи за медиумска реформа и борба против корупцијата.


Настанот „Одбрана на демократијата и човековите права“, кој се одржа во Скопје како дел од Неделата на човекови права, привлече преку 25 учесници од регионот, Европа и САД. Програмата вклучи четири панели, изложби и штандови, одбележувајќи 25 години од основањето на организацијата домаќин.

Конференцијата ја истакна важноста на мултилатералните напори за зачувување на демократските вредности и човековите права во современиот дигитален пејзаж.

Зачлени се на нашиот е-билтен