Османи: Ако не ги решиме уставните измени, влегуваме во групата на земји со отворени прашања

Противниците на уставните измени се всушност поддржувачи на идеите на бугарските радикали дека европската перспектива на државата треба да се сведе на билатерални односи со Република Бугарија, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Уставните измени, според Османи, се факторот што ќе утврди во која група ќе припаѓаме и затоа, како што рече, одговорноста на секој пратеник е толку голема.

– Ако ги завршиме уставните измени, ние влегуваме во групата што очекуваат во наредните години да станат земји членки на ЕУ. Одлука за тоа веќе има во ЕУ, ако не ги решиме уставните измени, ние влегуваме во групата на земји кои што имаат отворени прашања и тогаш ни се враќаат Договорот со Бугарија, Протоколот и општо односите со Бугарија, историските прашања…, рече Османи.

Токму поради тоа, Османи рече дека е оптимист, и дека мисли дека „никој од пратениците нема да се осуди неговото име да се запише во историјата како луѓе, кои што ја ставиле земјата во група на земји со отворени прашања“.

– Од првенец во генерација, во група на земји кои што ќе мора да решаваат отворени прашања, изјави Османи.  

Прашан до каде е спроведувањето на Протоколот со Бугарија, Османи рече дека „се одвива во рамки на предвидената динамика“. 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи претходно трече дека предложените уставни измени ќе бидат доставени до Собранието откако ќе се исцрпат сите можности овој процес да биде консензуален, како и дека во меѓувреме ќе работат со, како што вели, идеолошката линија во ВМРО-ДПМНЕ која ги сфаќа последиците од изолирање на земјата. 

-Убеден сум и веќе гледам сигнали во ВМРО-ДПМНЕ за една идеолошка поделба во однос на она што го зборувам, има луѓе во ВМРО-ДПМНЕ според моите информации кои упорно аргументираат дека не смееме да ја пропуштиме шансата сега во Уставот да се направи таа јасна дистинкција дека Бугарите се овде малцинство. Комплетна идеолошка линија во ВМРО-ДПМНЕ кои ги сфаќаат последиците од изолирање на земјата и влегување во втората патека. Сега се создавата две патеки – брзата патека и земјите со отворени прашања. Од нас зависи во која патека ќе влеземе ние. Се исцрпуваат веќе сите можности да се убеди ВМРО-ДПМНЕ, не велам дека се исцрпени, но затоа паралелно ќе работиме со оваа идеолошка линија која што ја сака оваа држава, ја сака нејзината иднина и ја гледа како европска, просперитетна, рече Османи вчера на прес конференцијата по повод преземањето на претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИ).

Слоганот „Премостување на поделбите, градење доверба“ ќе биде водечка тема на македонското претседавање со ПСЈИЕ, а посебен фокус, како што најавија претседателот Стево Пендаровски и шефот на дипломатијата Бујар Османи, ќе биде ставен на добрососедските односи, помирувањето, безбедноста, стабилноста, регионалната соработка и забрзувањето на евроатлантските интеграции. 

Зачлени се на нашиот е-билтен