Османи: Македонскиот јазик и идентитет се избришани заради националистичка несмасност и политички егзибиционизам на актуелната власт

Ставот на Бугарија за македонскиот јазик преставува предизвик за односите меѓу двете земји низ трите декади од нашето осамостојување. Во последните две декади тоа беше дефинирано преку компромисната формулација за македонскиот јазик – “… согласно уставот”, и тоа прво во декларација од 1999 година, потоа преточена и во Договорот за пријателство од 2017, пишува во објава на социјалните мрежи поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи.

„Требаше да се вложи многу голем напор за од оваа почетна позиција (наша на Скопје) да се обезбеди чиста, недвосмислена формулација за македонскиот јазик во Преговарачката рамка со ЕУ, која беше одобрена од сите 27 земји-членки, вклучително и Бугарија“ посочува Османи.

Во клучниот документ на ЕУ за земјава, потсетува Османи, „ЕУ го прифаќа македонскиот јазик без никакво дообјаснување, без фусноти или ѕвездички, без никакви дополнителни квалификации, чист македонски јазик. Веднаш потоа оваа чиста формулација беше применета во договорот за Фронтекс, како прв преседан за употреба на македонскиот јазик од страна на Унијата кој треба да продолжи да се применува и во иднина“.

„Да се доведе во прашање оваа позиција за помалку од една година не само што претставува израз на несмасност, туку и на неодговорност предизвикана од политички егзибиционизам“, нагласува поранешниот министер за надворешни работи.

Владата направи огромна грешка што го постави јазикот како алатка за дневна политика и популистичка егзибиција, вели Османи.

„Со тоа тие ја отворија темата што веќе беше затворена, затоа што направија погрешна проценка дека ќе обезбедат јавна доминација врз наративот со Бугарија. Задоволувајќи го политичкото его, демонстрираа триумфализам за обезбедени некакви „посебни гаранции за вековност“ кои предвреме ги толкуваа како некаква победа вметната во извештајот на Европскиот парламент“, потенцира Бујар Османи.

Треба да се биде јасен, вели тој, тоа го предизвикува дебаклот во Европскиот парламент.

„Поради несериозен однос кон овој процес, македонскиот јазик и идентитет се избришани од Извештајот. Ова не се случи зашто Брисел не нѐ разбира, туку напротив, зашто што добро го сфати „ербаплукот“ на домашната политика во која преовладува балкански триумфализам потхранет со националистичка несмасност, неукост, и чии порази редовно завршуваат со префрлање на вината кај други“, укажува Османи.

А земјава очигледно има искрени пријатели, како Томас Вајц, кои оставаат впечаток дека се позагрижени за нејзиниот успех од оние кои ја предводат, оценува Османи во објавата на социјалните мрежи.

„Вајц се обиде со чиста намера да внесе позитивна формулација во извештајот, но неговиот напор беше пресретнат од потребата за шпекулација и потхранување на политичкото его, и наместо да биде цврсто поддржан, тој беше пуштен да падне како жртва на домашниот триумфализам и балканска надменост. Со таков однос исходот е логичен: позициите се изгубени, а довербата разнишана“, вели Османи.

Сепак, овој дебакл не мора да значи севкупен пораз, нагласува поранешниот министер за надворешни работи.

„Треба трезвено да се признае грешката и да се вратиме на најсилната основа што веќе постои – Преговарачката рамка. Ниту еден извештај на Европскиот парламент нема тежина каква што има Рамката, одобрена со консензус од сите земји-членки. Таа е најсилната гаранција, не само за јазикот и идентитетот, туку и за патот на државата кон ЕУ“, вели Османи.

Поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи укажува дека „Владата мора да се соземе и да го преиспита односот кон европските пријатели, но и кон сопствената одговорност.

„Брисел, Берлин, Париз и останатите, веќе се заморени од несериозни импровизации. Време е да се престане со националистичко родео и да се покаже државничка зрелост“, оценува Османи во својата објава на социјалните мрежи.

Зачлени се на нашиот е-билтен