Трите договори за меѓусебно признавање на личните карти, универзитетските дипломи и професионалните квалификации, кои се во рамки на Берлинскиот процес, што денеска ги ратификуваше Собранието, се од исклучителна важност за слободното движење на луѓе и услуги во регионот на Западниот Балкан, објави на Фејсбук министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Договорите се од исклучителна важност во контекст на слободното движење на луѓе и услуги, согласно вредностите и најдобрата пракса на ЕУ. Берлинскиот процес ја потпомага интеграцијата на регионот на Западен Балкан во ЕУ, наведе Османи во објавата.
Собранието во рамки на денешната 111-та седница ги ратификуваше трите договори во рамки на Берлинскиот процес – за меѓусебно признавање на личните карти, универзитетските дипломи и професионалните квалификации.
Откако матичните комисии не доставија дополнет предлог, пратениците без расправа ги донесоа Законот за ратификација на Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан, Законот за ратификација на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан и Законот за ратификација на Договорот за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите во контекст на Централноевропскиот договор за слободна трговија.