Kако претседавач со ОБСЕ, Северна Македонија, заедно со ЕУ и ОН, се стреми кон мирно, сеопфатно и одржливо решавање на конфликтите што ја засегаат Грузија, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на заедничката прес-конференција со неговиот грузиски колега Илиа Дарчиашвили, по нивната средба во Тбилиси.
– Меѓународните дијалози во Женева и Механизмот за спречување и одговор на инциденти се витални дипломатски процеси кои мора да останат отворени, не само за да се избегнат понатамошни ескалации, туку и за справување со последиците од конфликтот во Грузија во 2008 година, рече Османи.
Како што соопшти МНР, Меѓународните дијалози во Женева, инаку, се единствена платформа каде што сите релевантни учесници се среќаваат на политичко ниво уште од 2008 година, фокусирајќи се на безбедносни и хуманитарни прашања. Едно од главните достигнувања на Меѓународните дијалози во Женева е воспоставувањето на заедничкиот Механизам за спречување и одговор на инциденти, чија цел е смирување на тензиите.
Во тој контекст, а и во насока на пораката на нашето Претседателството со ОБСЕ, „За луѓето се работи“, Османи ја потенцираше својата поддршката на сите прагматични пристапи за мирно решавање на ситуацијата, со цел да се обезбедат вистински резултати токму за луѓето кои се погодени од конфликтите.
– Дозволете ми да бидам јасен, тие тоа го очекуваат од нас. Да им понудиме вистински резултати кои ќе им овозможат да го живеат својот живот во состојба на мир и просперитет, истакна Османи.
Шефот на дипломатијата додаде дека ОБСЕ нема да штеди напори за подобрување на нивната состојба и во соработка со своите партнери ќе продолжи да ја промовира слободата на движење и да покренува суштински хуманитарни прашања, особено за притворените, раселените и исчезнати лица.
Во својата изјава, Османи нагласи и дека ОБСЕ ќе го продолжи својот ангажман за поддршка на раселените жени и млади лица кои се погодени од конфликтот.
– Мора да бараме начини да се засили процесот на помирување, рече Османи и потврди дека во рамки на своите активности во Грузија, ќе оствари и теренски посети со граѓани со цел директно од нив да дознае повеќе за предизвиците со кои се соочуваат.
На крајот на средбата, Османи повтори и дека ОБСЕ ќе продолжи да дава суштинска поддршка во спроведување на заложбите во трите димензии на Организацијата, што пак ќе придонесе и за внатрешните реформски процеси на Грузија.
– Многу години, ОБСЕ и нејзините земји учеснички, како Грузија, играа интегрална улога во обезбедувањето стабилност и безбедност на поширокиот регион на ОБСЕ. Затоа, дозволете ми да ве уверам дека мојата цел како претседавач со ОБСЕ е да ја зајакнам и продлабочам нашата соработка и да промовирам мир и стабилност во овие неизвесни времиња, додаде Османи.
За време на посетата на Тбилиси, предвидено е шефот на дипломатијата да се сретне и со претседателката и премиерот Грузија, Саломе Зурабишвили и Иракли Гарибашвили.
Грузија е првата етапа во рамки на четиридневната посета на Османи во регионот на Јужен Кавказ, во чии рамки тој ќе престојува и во Азербејџан и Ерменија.