Османи: „Во Чаир нема да има граѓани од втор ред“

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска на прес-конференција во центарот на општината најави пакет мерки за унапредување на соживотот и рамноправноста, како одговор на, како што рече, „сè поопасната реторика што го загрозува духот на Охридскиот договор“.

„Иднината на нашата општина и на нашата држава нема да се гради врз поделби, туку врз надеж, соживот и еднакви можности за сите“, порача Османи, додавајќи дека мултиетничкиот карактер на земјата „не е слабост, туку најголема сила“.

Тој потсети дека „кога народите и заедниците се почитуваат и кога сите се чувствуваат еднакви, тогаш државата оди напред. Кога тој баланс се нарушува, тогаш сите губиме“.

Како конкретни иницијативи по 19 октомври ги најави:

  • „Куќата на соживотот“ – мултикултурен центар каде Македонци, Албанци, Турци, Бошњаци и Роми ќе ја промовираат својата култура и традиција. „Чаир ќе стане дом на културниот дијалог и пријателството“, рече Османи.
  • Фонд за еднакво претставување – нов буџетски механизам што ќе гарантира шанси за сите млади. „Овој фонд ќе биде гаранција дека правичното претставување не е само збор, туку жива практика.“
  • Општински оддел за јазици – тело што ќе ја гарантира употребата на сите јазици, без оглед на нивната застапеност. „Ќе ја гарантира имплементацијата на албанскиот, македонскиот, турскиот, бошњачкиот, а ќе ги промовираме и елементите на ромскиот јазик.“
  • Совет за соживот – постојано тело со претставници на сите заедници кое ќе ја следи хармонијата и толеранцијата.
  • „Ден на Охридскиот договор“ – годишни свечености, дебати и младински активности како потсетник дека „еднаквоста и соживотот не се минато – тие се темели на нашата иднина“.

„Овие избори не се само за Чаир. Ова е битка за тоа какво општество ќе им оставиме на нашите деца – дали тоа ќе биде општество на страв и исклучување, или општество на еднаквост и достоинство?“, истакна кандидатот на ДУИ.

Во заклучок, Османи испрати порака: „Ви ветувам: во Чаир нема да има граѓани од втор ред. Нема да има губитници. Сите ќе бидеме победници во едно општество со еднакви можности, меѓусебно почитување и достоинство.“

Зачлени се на нашиот е-билтен