Основното јавно обвинителство е брука

Испаѓа дека Мицкоски сфати дека нема потреба да ги менува на сила, кога може да ги вјарми истите оние, како што вели од поранешниот систем, за да му служат и нему. Затоа што за  нив само силата на власта е систем.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

„Основното јавно обвинителство е брука“, вака генерално се оценува одлуката на ОЈО Скопје да ги отфрли кривичните пријави против Директорот на АНБ Бојан Христовски предизвика бура од реакции во јавноста, не само партиски туку и од граѓани, експерти и новинари.

„Ме фати срам што живеам во држава што граѓаните ги лаже во очи. Ова со сертификатот на директорот н АНБ е одговор на прашањето кога Македонија ќе стане правна држава наместо УДБАШКА-никогаш! Со кое лице ова обвинителство утре ќе обвини некого?!“, забележува професорот Гордан Калајџиев.

Професорот Тито Белиланец е огорчен: „Срамно и бедно! Со кој авторитет ова лице ќе води една од најодговорните државни функции!“

Билјана Ивановска поранешна директорка на ДКСК: „На ниту едно интервју не беше кажано дека од дома полагал и дека имал валидна диплома….Сами се вртат во замката на лагата…Одвратно…“

Многу појасно го објаснува целиот случај новинарот Васко Маглешов: „Каква срамота е соопштението за ОЈО Скопје за затворената истрага за сертификатот на директорот на АНБ. Никогаш не се обратиле директно за одговор до ЕТS, компанијата што ги издава сертификатите од САД, како што тоа беше направено во случајот со двете директорки што беа осудени. Наводно ЕТS немало да даде податоци пошто биле поминати 2 години!“

Оттаму, тоа што го соопшти ОЈО Скопје во врска со сертификатот на директорот на АНБ, Бојан Христовски, навистина изгледа неубедливо, а во некои делови и нелогично, дури и скандалозно.

Необраќање до ETS (САД) е клучен пропуст. ETS (Educational Testing Service) е единствениот валиден издавач на ТОЕФЛ сертификати.

Во претходни случаи, како со директорките што беа осудени, ОЈО експлицитно бараше верификација директно од ETS, и на тој начин добија цврсти докази дека сертификатите се фалсификати.

Во случајот со Христовски, ОЈО НЕ го направило тоа, иако тоа е најлогичниот и најдиректен чекор ако навистина има сомнеж.

ETS навистина има политика за зачувување на резултати до 2 години за пријавување на факултети или институции, но тоа не значи дека податоците се бришат.

ETS чува интерни податоци многу подолго, особено за правни или истражни цели. Ако дојде официјално барање од државен орган (како обвинителство), тие обично одговараат и даваат податоци, дури и ако е поминат рокот за јавна употреба на сертификатот.

Истиот орган, ОЈО, постапуваше поинаку и далеку поригорозно во случаи со други граѓани (на пример двете директорки со фалсификувани ТОЕФЛ сертификати), каде истрагите беа длабински и беа изречени казни.

Во овој случај, ОЈО затвора предметот без барање на директен одговор од релевантниот издавач, што остава впечаток на селективна правда или политичко влијание.

Не само што има правна слабост во постапката, туку и пад на кредибилитетот на институциите. Ако обвинителството не може или не сака да побара официјална потврда за толку сензитивна функција, директор на АНБ, тогаш прашањето е дали правната држава воопшто функционира кога станува збор за „моќни“ луѓе?

И забелешката на поранешната претседателка на ДКСК е точна: На ниту едно интервју не беше кажано дека од дома полагал и дека имал валидна диплома и тоа е уште еден клучен елемент што фрла сомнеж врз целиот случај со Бојан Христовски, директорот на АНБ.

Во неговите јавни настапи,  Христовски тврдеше дека има положено ТОЕФЛ, но никогаш не кажа каде го полагал, на кој центар. Никогаш не објасни дали полагал од дома  или физички. Не приложи никакви документи освен слика на сертификатот кој не содржи регистрациски број и не е проверлив преку ETS системот.

Ако ТОЕФЛ е валиден и е положен по сите стандарди, зошто не го приложи Test Taker Score Report, кој е стандарден документ?

Зошто не побара сам ETS да го потврди, како што тоа би го направил секој што сака да расчисти сомнежи?

На овој начин се прави политички и институционален преседан. Во нормална правна држава, лицето што има доверлива функција, како директор на АНБ, треба да има целосно транспарентна документација, особено за квалификациите. Доколку дипломата е автентична, тоа лесно се докажува со еден официјален извештај од ETS – што во овој случај НЕ Е НАПРАВЕНО.

Ова остава силен впечаток дека институциите не сакаат да ја откријат вистината-што укажува или на покривање на фалсификат, или на селективна примена на законот.

Оттаму премиерот Христијан Мицкоски за жал ќе излезе дека бил во право кога тврдел дека овој правен систем не го бива. Многумина во судско-обвинителската власт очигледно се партиски „независни“, но се многу зависни од секоја власт и гледаат само како да ја преживеат, без трошка одговорност за функцијата што ја имаат и за последиците од таквото однесување.

Вака испаѓа дека Мицкоски сфати дека нема потреба да ги менува на сила, кога може да ги вјарми истите оние, како што вели од поранешниот систем, за да му служат и нему. Затоа што за  нив само силата на власта е систем.

Но и тој ќе треба наскоро да одговара на забелешките и оценката за довербата во ОВАА судско-обвинителска власт, што наскоро ќе се појават на анкетите на НДИ или на ИРИ.

Зачлени се на нашиот е-билтен