За трагичниот пожар во Кочани, кој предизвика шок и гнев во јавноста, досега се осомничени повеќе од 60 лица, од кои 13 се полициски службеници. Најголем дел од нив се товарат за дејствија направени пред избувнувањето на пожарот, додека за постапките во самиот тек на пожарот, Обвинителството има осомничено само двајца актуелни или поранешни функционери: тогашниот градоначалник Љупчо Папазов и актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Џеват Селами.
Обвинителството, Министерството за внатрешни работи и Владата отфрлаат обвинувања за селективен пристап во истрагата, тврдејќи дека таа ги опфаќа сите одговорни, без разлика на партиска или службена припадност.
Пример за тоа, како што наведуваат, е уапсениот поранешен министер Шабан Салиу, кој не е под истрага поради неговата актуелна функција, туку поради функцијата што ја извршувал пред 2017 година.