Остра реакција на Мрежата за заштита од дискриминација на изјавите на Мицкоски

За време на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија – Развој на стратешки документи за демографска отпорност“, Претседателот на Владата Христијан Мицкоски изјави дека се разгледува можноста за воведување дополнителни даноци за неженети и немажени лица. Таквата изјава е длабоко загрижувачка и претставува закана за основните човекови права и принципите на еднаквост и слобода, се истакнува во реакцијата на Мрежата за заштита од дискриминација.

Мрежата оценува дека ваквата најава односно идна мерка не само што би била ретроградна, туку е и дискриминаторска, бидејќи:

  • Ги крши човековите права односно правото на избор, правото на приватен и семеен живот и правото на планирање семејство, животен стил, семејна состојба и иднина.
  • Го стигматизира секој кој не живее во брачна заедница – било од избор, било од околности.
  • Ги удира младите, самохраните родители, ЛГБТИ+ лицата и оние кои се социјално и економски ранливи.
  • Не придонесува кон развој на општеството, туку отвора врата за нови поделби, стигма и нееднаквост.

Од Мрежата потсетуваат дека со член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Дополнително, вонбрачната заедница е регулирана и заштитена со Уставот на Република Северна Македонија.

Ваквиот предлог јасно кореспондира со идеите кои доаѓаат од авторитарни режими, кои преку ретроградни наративи имаат за цел насилно зголемување на наталитетот.  Наместо казнување на личните избори преку даночен систем, потребни се политики кои ги поддржуваат младите семејства, достапни градинки, сигурно вработување, родова еднаквост и слободен избор на партнерство и родителство.

Животниот стил не е основа за оданочување. Во демократска и современа држава, бракот треба да биде слободен избор, а не даночна обврска, посочуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Ја повикуваме Владата, како орган којшто е овластен предлагач на закони и политики, да се воздржи од иницијативи кои поттикнуваат дискриминација, а институциите – да застанат во одбрана на правата на сите граѓани, без разлика на нивниот брачен статус, апелираат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Зачлени се на нашиот е-билтен