Остро предупредување од Сојузот на борците: Името на Азем Морани во училиштата е удар врз антифашистичките вредности

Сојузот на борците од НОАВМ 1941–1945, заедно со граѓани кои се залагаат за зачувување на историското наследство, изрази сериозна загриженост и незадоволство поради најновата одлука на Владата да даде согласност за основање училиште во општина Студеничани, кое би го носело името на Азем Морани, личност осудена за соработка со фашистички сили.

Во јавно објавено отворено писмо, Главниот одбор на Сојузот ја повикува Владата итно да ја преиспита оваа одлука, истакнувајќи дека станува збор за опасен преседан кој го поттикнува историскиот ревизионизам и ги поткопува темелите на македонската државност изградени врз антифашизмот и одлуките на АСНОМ.

„Не смееме да дозволиме, особено во услови на зголемени обиди за историска релативизација, нашите институции да легитимираат имиња поврзани со колаборационизам. Азем Морани е правосилно осуден во 1947 година за активности во служба на фашистичкиот окупатор, како балист и соработник против интересите на македонскиот народ,“ стои во писмото.

Од Сојузот потсетуваат дека образовните институции треба да служат како бастиони на прогресивни вредности, како што се солидарноста, хуманоста и антифашизмот, и дека именувањето на училишта по личности со контроверзно и осудено минато испраќа опасна порака до младите генерации.

Сојузот апелира до Владата да испрати јасен сигнал дека Македонија останува доследна на принципите на историската вистина и антифашистичката борба, и дека не прифаќа симболична рехабилитација на соработниците на фашистичките режими.

Зачлени се на нашиот е-билтен