Планираниот „Марш на ангелите“, кој требаше да се одржи во сабота (1 ноември 2025), е откажан, соопшти Здружението на граѓани „16 Март“ преку објава на својата официјална страница на Фејсбук.
Организаторите наведуваат дека маршот нема да се одржи затоа што денот се совпаѓа со православната Задушница — ден посветен на сеќавање и молитва за покојните.
„Ова е ден за да им запалиме свеќа, да се помолиме за нивниот вечен мир и да им оддадеме достојна почит на сите наши најмили што не се меѓу нас. Следниот марш ќе биде најавен дополнително,“ стои во објавата на здружението.
Маршот, кој традиционално се организира во спомен на младите кои трагично загинаа во пожарот во ноќниот клуб во Кочани, претставува симбол на солидарност, сеќавање и повик за правда.
