Откриен опасен пестицид во македонски пиперки – повлечени од пазарот на ЕУ

Во црвени пиперки произведени во Северна Македонија е откриено зголемено присуство на опасниот пестицид метомил, соопшти Европскиот систем за брзо предупредување за храна и добиточна храна (RASFF).

Според официјалната информација, пиперките биле увезени во Хрватска, каде по извршена контрола на пазарот било утврдено присуство на метомил во количина од 0,049 милиграми на килограм – што е пет пати над дозволената граница од 0,01 милиграми.

Поради сериозноста на прекршувањето, овие пиперки се веднаш повлечени од пазарот на Европската Унија, а спорната инспекција била спроведена на 23 септември. Официјалното предупредување е објавено на 3 октомври.

Метомил е инсектицид од групата на карбамати, кој се користи уште од 1966 година. Се смета за супстанца со висока токсичност, опасна и за луѓето и за животните. Во многу земји неговата употреба е строго контролирана или целосно забранета.

Овој случај повторно го отвора прашањето за контролата и безбедноста на земјоделските производи, како и за потребата од построга регулација и мониторинг во производството и извозот на храна.

Зачлени се на нашиот е-билтен