Откриени повеќе од 40.000 килограми небезбедни сувомесни производи во див магацин за храна

По добиеното известување од Министерството за внатрешни работи за нелегално функционирање на магацин за храна во скопската населба Маџари, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со полицијата, спроведе вонреден инспекциски надзор. Во објектот, кој не бил регистриран како оператор во АХВ, откриени се 40.751 килограми небезбедни производи, вклучувајќи сувомесни и кондиторски производи. Сите овие производи беа нештетно уништени.

Во продолжение на инспекцијата, во дворот на магацинот, МВР заплени комбе со 360 килограми небезбедни сувомесни и кондиторски производи, кои исто така беа уништени. АХВ ја проверуваше документацијата на увозникот на овие производи, при што беше утврдено дека дел од нив содржеле зголемени количини на фосфати, што беше потврдено со лабораториски наоди.

Пратките од небезбедните сувомесни производи не беа нештетно уништени од страна на дистрибутерот, кој, иако имал законска обврска, не го направил тоа. За тоа, му била издадена фиктивна потврда за уништување од овластена депонија. При спроведениот надзор, во објектите на дистрибутерот беа пронајдени дополнителни 40.053 килограми сувомесни производи, кои исто така беа подложени на уништување.

За прекршокот, на правното лице кое стопанисувало со дивиот магацин му беше изречена казна од 18.000 евра во денарска противвредност, додека одговорното лице беше казнето со 1.500 евра.

Зачлени се на нашиот е-билтен