Отстранети 1.500 м³ отпад во ноември: Најавени нови правила и посебен систем за смет за угостителите

ЈП „Комунална хигиена“-Скопје информира дека во текот на ноември 2025 година екопатролата спровела 179 едукативни разговори со стопански субјекти и граѓани затекнати при неправилно одлагање отпад. Разговорите, како што наведуваат од претпријатието, имале за цел да укажат на законските обврски и правилниот начин на одлагање на комунален и амбалажен отпад, со фокус на заштита на животната средина и јавното здравје.

Од претпријатието велат дека нивните екипи подигнале и транспортирале 1.500 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад. Интервенциите биле извршени во речиси сите општини на Скопје, како и на т.н. „црни точки“, локации со континуиран проблем со диво депонирање. Овие бројки не го вклучуваат отпадот што беше отстранет за време на масовната акција за чистење од 6 до 9 ноември.

Нов систем за угостителите: сопствени контејнери, посебен тарифник и назначен советник

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на вчерашната средба со претставници на угостителскиот сектор најави нов сет мерки со кои треба да се воспостави поуреден систем за управување со отпадот и подобрување на урбаниот ред.

Според договореното, секој угостителски објект ќе набави сопствени контејнери за отпад и ќе добие посебен тарифник со јасно утврдени правила и термини за собирање отпад што ќе важат исклучиво за правните субјекти. Целта, како што истакна Ѓорѓиевски, е да се стави крај на нередот и да се воспостави поефикасно и поурбано функционирање на јавните простори.

Градоначалникот нагласи дека „за Скопје да биде чист, уреден и функционален град, потребно е да се постават јасни правила и сите засегнати страни да соработуваат“.

На средбата било договорено и назначување на посебен советник кој ќе посредува меѓу угостителите и градската администрација. За таа функција е избран Драган Арсовски, по заеднички предлог на секторот. Тој ќе биде задолжен за секојдневна комуникација, навремено адресирање на проблемите на терен и унапредување на работните услови.

Дополнително, угостителите се обврзаа до 15 јануари да ги достават елаборатите за користење на урбаната опрема што во изминатите години не била наплаќана, со цел воспоставување праведен и јасен систем за уредување на овој сегмент.

„Го враќаме ноќниот живот во Скопје, но го враќаме и редот. Ова е заедничка обврска кон граѓаните“, порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека градот заслужува современ урбан амбиент, култура и силна економија која се гради во партнерство со угостителскиот сектор.

Зачлени се на нашиот е-билтен