„Отворен Балкан“ ја забрзува електронската патарина: 30,9 милиони евра инкасирани за шест месеци

Во првите шест месеци од годинава преку наплатните станици во државата се инкасирани 1,9 милијарди денари (околу 30,9 милиони евра), што е зголемување за 78 милиони денари во однос на истиот период лани. Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) го припишува растот пред сè на сé пошироката употреба на електронската наплата, која овозможува побрз проток и помалку задржувања на наплатните рампи.

Иницијативата „Отворен Балкан“, која овозможува единствен таг за Србија, Северна Македонија и Албанија, исто така покажува резултати: досега се регистрирани 5 077 македонски и 8 500 српски тагови. Според ЈПДП, со логирањето во заедничкиот систем корисниците добиваат уште поголеми придобивки, бидејќи без застанување можат да ја минат наплатата во трите држави.

„Евидентен е континуиран раст на приходите, а електронската наплата (ЕНП) бележи особено сериозен подем. Тоа јасно укажува дека дигитализацијата го менува начинот на патување и ја намалува гужвата,“ изјави за МИА директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, додавајќи дека наплатата достигнува 99,6 проценти и процентот на „неплаќачи“ постојано се намалува.

Собранието минатата недела ги усвои измените на Законот за јавни патишта, со кои се отвора можност електронските уреди – М-карта и М-таг – да се дополнуваат во широка малопродажна мрежа, наместо само во пунктовите на ЈПДП. Претпријатието најавува јавен повик за избор на оператор што ќе го развие овој канал, со цел уредите да станат подостапни и за домашните и за странските возачи.

Подготвена е и проектна документација за воведување затворен електронски систем на наплата и на Коридорот 8. Наплатната станица Миладиновци е прва на која ќе се постави целосен електронски систем, откако минатата година Глумово и Желино веќе беа интегрирани во дигиталната мрежа.

Зачлени се на нашиот е-билтен