Денеска е отворен ученичкиот натпревар по едукативна роботика „First Lego League 2025-2026 UNEARTHED Challenge“во Скопје на кој учествуваат 36 тима со над 400 ученици на возраст од 9 до 16 години и 50 ментори од општинските и приватните училишта, како и од едукативните центри во Македонија.
Во своето обраќање министерката Јаневска посочи дека ја поддржува секоја идеја во чија основа е поттикнувањето на креативноста, иновативноста, снаодливоста, лидерството и натпреварувачкиот дух кај младите. Како што рече, на Македонија и’ требаат генерации кои ќе бидат мотивирани постојано да се надградуваат и стекнатите знаења и вештини да ги применуваат во креирањето одговори на општествените предизвици.
„Оваа активност се совпаѓа во целост на националните образовни политики за поголема промоција на СТЕМ областите, нивно доближување до младите и насочување да одбираат да се занимаваат со наука, со истражувања и иновации. Зошто ни се такви политиките? Затоа што, единственото нешто со кое можеме да се натпреваруваме со светот е знаењето на граѓаните и негова паметна примена во развој на иновации“, рече министерката.

Додаде дека земјата нема големи природни ресурси, па оттука и фокусот на Владата кон забрзана модернизација на образовниот систем со особен фокус на стручното образование, подобра образовна понуда за граѓаните и кон зголемување на вложувањата во науката.
Посакувајќи им успех на сите учесници, Јаневска рече дека институциите ќе продолжат да го поддржуваат трудот на младите и развојот на нивниот потенцијал и дека очекува националните политики да обезбедат поквалитетно образование за уште подобро подготвени генерации.
Натпреварот се одржува осма година по ред, во организација на Академијата за роботика и иновации, под покровителство на UNESCO. Оваа година предизвикот е UNEARTHED – младите користат Lego технологија за изработка на иновативни роботски решенија, кои ќе им помогнат на археолозите полесно да ги истражат наоѓалиштата. Победничките тимови ќе учествуваат на светскиот натпревар.