Отворен шалтер за „Безбеден град“: од утре можни корекции на контакт-податоците за возилата

Од утре, 17 декември 2025 година, граѓаните ќе можат да поднесуваат барања за промена или корекција на контакт-податоците што ги оставиле при регистрација на своите возила, соопшти Министерството за внатрешни работи.

За таа намена, во Одделот за граѓански работи во зградата на Македонската телевизија во Скопје е отворен посебен шалтер, кој ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот. Постапката се однесува на случаи кога дошло до промена на контакт-информациите или кога граѓаните добиле известување со неточни податоци.

Истата услуга ќе биде достапна и во станиците за технички преглед на возила низ целата држава, каде што е ангажиран деташиран референт на МВР.

Покрај тоа, граѓаните ќе имаат можност да доставуваат писмени забелешки, прашања или пријави поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“ и по електронска пошта на адресата bezbedengrad@moi.gov.mk.

Од Министерството информираат дека сите пристигнати забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на системот и подобрување на комуникацијата со јавноста.

Зачлени се на нашиот е-билтен