Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

Со концерт на светски познатиот виолинист од Литванија, Џулијан Рахлин и уметниците од оркестарот на Македонската филхармонија, вечерва на сцената на Античкиот театар отворено e 64-тото издание на фестивалот „Охридско лето“, нашата најголема и најрепрезентативна музичко-сценска манифестација.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која пред исполнетиот аудиториум на Антички посочи дека културниот настан над настаните, „Охридското лето“ повторно е пред голем предизвик – По шеесет и четврти пат да покаже и да докаже дека младиот Ниче бил во право кога тврдел дека животот без музика би бил грешка…

Сиљановска Давкова потсети дека пред повеќе од шеесет години, во екот на Студената војна, тука, во градот распослан на езерото, опкружен со планински врвови, надвишен и заштитен со Самоиловите кули, се роди фестивалот „Охридско лето“, со што како што рече „ природниот споменик стана и културен споменик“.

– И… уметниците од Западот и Истокот, од Северот и Југот, од Охрид ја испраќаа пораката: „Убавината ќе го спаси светот“. Уметноста преобразува, помирува, раѓа надеж за поинаква, заедничка иднина. Сведоци сме на богата програмска историја, плејада врвни уметници, бројни заслужени плакети за разбирање и соработка, дружење со посветени мисионери на културата….Уметноста има чудесна сила да ги премостува разликите и да ги брише границите. Длабоко верувам дека културната дипломатија е далеку помоќна од традиционалната. Згора, не ита по победа, туку негува и лекува со ноти и со зборови, рече претседателката.

Според неа, уметноста е близначка на духовната слобода. Во музиката и во играта се вградени личната и колективната тага и радост, стремежот и надежта. Тука се изворот и причината за нашата страст кон пеењето и играњето. Уметноста е трезор на индивидуалната, но и на колективната меморија, влог во сегашноста, но и во иднината.

– Чувствувам дека ноќва виртуозниот Џулијан Рахлин и Македонската филхармонија ќе ни ја отворат Охридската рајска музичка порта за заедно да зачекориме кон убавото, кон доброто и возвишеното, истакна таа.

Свое обраќање имаше и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој истакна дека Фестивалот „Охридско лето“ претставува временска верига на високи уметнички вредности што се создаваат овде и само овде, во древниот Охрид.

-Тој како никое друго место на светот, умее да ја собере небесната амброзија на човечката мисла, што ги оживува вековите и не поведува по патеките што единствено ја откриваат сржта на постоењето и иднината на вечната уметност. Убеден сум, дека и годинава заеднички ќе посведочиме настани, кои пред македонската публика, ќе ги принесат највредните дарови: умешноста од зборот да се искова бесмртност, од музичкиот израз да се долови вонвременоста, а на сцената да се одигра вечната игра на животот, рече тој

Министерот Љутков додаде дека Градот Охрид и фестивалот „Охридско лето“, беа и остануваат епицентар на македонската култура во кој децении наназад се испреплетуваат илјадници културни збиднувања и настани, како најдобра потврда за нашиот чекор со актуелните европски и светски трендови, кои подразбираат континуитет на квалитетна продукција и интензивна творечка енергија која уметниците ја разменуваат со публиката.

Уметничката порака ова фестивалско издание ја пренесе виолинистот Владимир Костов, кој не го криеше задоволството што може оттука од Охрид вечерва да зборува во негово и во името на сите уметници за она што најдобро го знае – за уметноста.

– Уметноста е моќна форма на експресија која пренесува емоции, идеи и приказни што ги надминуваат јазичните и културни бариери. Ги предизвикува перспективите, инспирира креативност и носи социјални промени. Живееме во време во кое повеќе од кога било ни е потребен систем на вредности, а уметноста како најчиста форма на израз во својата природа органски ги интегрира најважните вредносни постулати. Уметноста не лаже, музиката не може звучно да беседи под превезот на непрофесионалноста. Искрениот и ненаметлив шарм на високиот уметнички израз треба да бидат нашето сидро, но и ветер во едра кој ќе не движи напред кон нови предизвици, кон лични, но и колективни победи, рече Костов.

Да се биде креативен, не значи да се биде различен, рече тој, притоа истакнувајќи дека креатовноста значи да се биде едноставен како Бах, восхитувачки едноставен во лавиринтот на комплексната звучна полифонија.

– Справувајќи се со комплексноста на современиот свет, да не ја заборавиме важноста на уметноста во нашите животи. Да ги поддржуваме и славиме уметниците, да инвестираме во уметничката едукацијата и да бидеме сигурни дека уметноста ќе остане длабоко интегрирана во нашето општество. Токму затоа е важно да ја препознаеме нејзината сила и да ја поттикнеме преку цврсто изграден систем на вредности да ја шири својата есенција, да едуцира, да создава здрав звучен амбиент кој ќе му пркоси на шундот и кичот, додаде тој.

Со вечерашното палење на фестивалскиот оган, Охрид почнува да ги живее престојните 40 дена возбуда што ги носи 64. „Охридско лето“.

Од вечерва се до 20 август на отворените сцени на Антички театар, Долни Сарај, Предворјето на црквата „Св Софија“, како и самата црква „Св Софија“ и Центарот за култура ќе продефилираат и настапат над 500 уметници од 24 земји, а вљубениците во класичната уметност ќе имаат прилика да уживаат во 27 концерти, шест театарски претстави и три настани во дополнителната програма.

Селекторката на музичката програма, маестра Бисера Чадловска, изрази задоволство што на отворањето заедно со маестро Рахлин на Античкиот театар ќе настапат уметниците од Македонската филхармонија која оваа година одбележува 80 години од постоењето.

-Не очекуваат голем број настани, со бројни домашни изведувачи, кои воопшто не заостануваат во квалитетот зад светските музички имиња. Меѓу нив пијано дуото Марија Ѓошевска и Славица Мицовска, Влатко Стефановски на гитара кој одбележува 50 години солистичка кариера, потоа традиционалниот концерт на Камерниот оркестар на музичката младина. Има и два концерта постветени на македонските композитори, Томислав Зографски и Стојче Тошевски, како и на Гоце Коларовски, рече Чадловска на прес-конференцијата на која беше презентирана фестивалската програма.

Од странските уметници во музичката програма ќе ги видиме и чуеме гитристот Герхард Рајнбах, пијанистот Гери Даглас, виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки со пијанистот Андреј Гугнин, Доминик Вагнер на контрабас…Тука е и концертот на Црногорскиот симфониски оркестар, Адријатик пијано квинтетот, триото „Халир“ и многу други. Последниот ден од музичката програма е резервиран за врвната белгиска виолончелистка Ками Тома, во придружба на пијанистот Жулиен Брокал.

На роденденскиот концерт на фестивалот ќе настапи салса бендот „Меркадонегро“, како концерт што ќе ги разбие класичните концертни содржини.

Селекторката на драмската програма на „Охридско лето“ Сања Арсовска за престојното фестивалско издание најави разновидна театарска авантура, со разноликост во стиловите, форматите, естетиката, драматургијата, со најголема застапеност на женските ликови.

-Она што ќе ја одбележи овогодинешната програма се трите театарски премиери – на домашните театари од Велес и Битола со претставите „Рацин“ и „Галеб“, како и светската премиера на „Кралот Лир“ на Лит Мун Ворлд театарот од Санта Барбара, Калифорнија, појасни таа.

Арсовска уште ги најави театарските изведби на Словенечкото гледалишче од Марибор со „Безгрешна“ во режија на познатиот Томаж Пандур и неговата сестра која ја завршува претставата по неговата смрт, потоа стенд-ап шоуто со познатиот српски и интернационален актер Никола Ѓуричко, „Лет над кукавичиното гнездо“ со Драмскиот театар од Белград и „Алиса во земјата на стравовите“ со Југословенското драмско позориште, исто така од Белград.

Сцените се подготвени да ги примат уметниците, организаторот најави беспрекорна реализација на Охридско лето, во насока и овојпат да се остави слика достојна за Фестивал познат низ светот по културните вредности кои ги поседува.

Зачлени се на нашиот е-билтен